X
 11.02.2024 Живот

Медиумската писменост е повеќе од откривање лажни вести: Библиотекарка им дава алатки на тинејџерите

Заедно со мирисот на старите книги и полиците со трендовски романи во библиотеката на средното училиште во Саут Бранзвик се наоѓаат и водичи за прецизно дешифрирање на дигиталниот свет.

Постерите за „Паметно социјално вмрежување“ висат во училишна библиотека во Њу Џерси, каде што училишната библиотекарка Лиза Манганело ја постави својата мисија да ги научи тинејџерите да се движат низ огромниот наплив на онлајн информации.

- Медиумската писменост нема апсолутно никаква врска со тоа на која страна од дебатата се наоѓате. И јас често им велам на моите ученици - не е важно дали сте конзервативци или либерали, тоа навистина не прави разлика. Каква статија и да изберете, сакам да можете да ја погледнете од критична гледна точка и да донесете одлука за тоа дали на таа статија може да ѝ се верува или не - вели библиотекарката.

- Можете да имате мислење насочено кон која било страна, но треба да можете да го потврдите тоа мислење со напис заснован на фактите - додава таа.

Медиумска писменост е способноста да се дешифрираат медиумските пораки - вклучувајќи ги и системите во кои тие постојат - да се процени нивното влијание врз мислите, чувствата и однесувањата и да се создаваат медиуми смислено и совесно.

Со оглед на тоа што многу деца сега ги консумираат вестите преку социјалните медиуми, каде што дезинформациите се широко распространети, 18 држави имаат некаква форма на едукација за медиумска писменост во наставните програми.

Дезинформациите на интернет можат да ги насочат децата не само кон пораки што не се вистинити, туку и кон опасности како сајбер-булинг, негативна слика за телото и злоупотреба на супстанции.

Кога беа измислени автомобилите, за нивната безбедност не се зборуваше многу, не беа приоритет безбедносните појави и учењето како да се вози беше новост.

- Мобилните телефони се како автомобили. Луѓето не научија како да ги користат етички ефикасно и одговорно - вели Олга Политес од организацијата „Медија литераси нау“.

Лекциите за медиумска писменост треба да вклучуваат анализирање кои емоции ги предизвикува формулацијата на насловите на медиумите.

1
Фото: Alisha Ebrahimji/CNN

Со различни наслови на вести прикажани на проекторот, библиотекарката ги прашува учениците: - Кажете ми зборови што ги гледате во овие наслови за кои мислите дека покажуваат пристрасност?

- Одмазда - вели еден ученик.

Групата, вооружена со лични лаптопи, ја продолжува дискусијата: Кој избор на зборови би можел да е понеутрален?

- Мислам дека е интересно да се размислува за тоа како ги добиваме нашите информации и како ги толкуваме поради тоа што медиумите ни го кажуваат, особено делот каде што зборуваат за избор на зборови што луѓето го користат и како тој може да влијае врз мислењето - вели деветтоодделенецот Харисон Пекош.

Надвор од библиотеката, Манганело работи со наставниците во средното училиште „Саут Бранзвик“ во текот на целата година за да ја вгради медиумската писменост во нивните наставни програми и планови, од историја на уметност до часови по наука.

Целта на Манганело е да се состанува со секој ученик во училиштето каде што работи неколку пати годишно, фокусирајќи се на нова вештина. На крај, учениците имаат комплет алатки за да ги користат кога ги скенираат најновите наслови, особено онлајн.

- Откривме дека 75 отсто од тинејџерите ги добиваат информациите преку социјалните мрежи, а многумина на „Тик-ток“ - вели Манганело.

Тоа само по себе не е нужно проблем: многу реномирани новински агенции своите извештаи ги споделуваат на платформите на социјалните мрежи.

Повеќе од 80 отсто од учениците неколку години порано веруваа дека рекламата идентификувана со зборовите „спонзорирана содржина“ е вистинска вест, покажува истражувањето спроведено од „Стенфорд“ објавено во 2016 година.

- Способноста на младите луѓе да расудуваат за информациите на интернет може да се сумира во еден збор: мрачна - пишуваат истражувачите од „Стенфорд“. Конфузијата произлегува од фактот што повеќето ученици не учат како критички да ги користат масовните медиуми.

Консумирање на информациите на паметен начин

Иако програмата на Манганело во средното училиште е одличен модел, во моментов тоа е исклучок, вели Мишел Сиула Липкин, извршен директор на Националната асоцијација за образование за медиумска писменост.

- Сакаме да ги натераме законодавците да воведат промени во образовниот систем и да ја воведат медиумската писменост - вели таа.

Во меѓувреме, Џонсон, наставник по историја во училиштето „Саут Бранзвик“, се надева дека за 10 години неговите ученици ќе најдат јасност во она што го мислат и кажуваат поради основата што Манганело ја создава за нив. Затоа Манганело поминала речиси две децении усовршувајќи го начинот на кој предава медиумска писменост.

- Тоа се деца кои ќе прават брилијантни работи. Потребно ни е да размислуваат за тоа како ги прифаќаат информациите, бидејќи мислам дека тоа ќе го промени начинот на кој сите ние го правиме тоа - додава Манганело.

Извор: CNN
Фото: CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот