X
 10.06.2019 Живот

Програмата на новата финска влада може да им го промени животот на младите

Новата финска влада предводена од Анти Рине од Социјалдемократската партија откри амбициозна програма од 200 страници во која се опфатени повеќе области што би можеле да го погодат населението помладо од 30 години. Еве неколку од плановите.

1. Гарантирање работа

Ако младо лице под 25 години или студент под 30-годишна возраст е невработен, владата ќе гарантира пракса или стажирање - ова може да вклучува работно место, проба на работа, работилница за обука или рехабилитациска програма.

2. Поголеми такси за засладени пијалаци и алкохол


Таксите за засладените пијалаци и за цигарите ќе се зголемат, а истото ќе се случи и со таксите за алкохол, само што тука ќе има благо покачување. Според пресметките, кутија цигари од 8 евра по зголемувањето на таксите ќе чини 9,80 евра.

3. Задолжително средно образование

Секој ученик од основното образование ќе мора да заврши и средно. Возраста до која образованието ќе биде задолжително ќе се покачи на 18 години.

4. Забрана за енергетски пијалаци

Владата ќе ја забрани продажбата на енергетски пијалаци на консументи помали од 16 години.

Фото: Yle

5. Задолжителен шведски за упис

Владата сака да го зајакне учењето на друг домашен јазик на училиште и планира да го врати шведскиот јазик како задолжителен предмет на испитите за упис.

6. Бесплатна контрацепција

Контрацепцијата ќе биде бесплатна во целата земја за лица помлади од 25 години. Ова е експеримент кој ќе биде прегледан на крајот од парламентарниот мандат.

7. Фибер-оптика за сите

Владата планира да изгради мрежа од фибер-оптика во земјата за секој да има пристап до брз широкопојасен интернет. Дополнително, ќе се зголемат и брзините за трансфер на податоци.

8. Повеќе вегетаријанска и органска храна

Целта на новата национална програма за храна е и зголемување на разбирањето за производството на храна. Опсегот на вегетаријански оброци во училиштата и во јавните установи ќе се зголеми, а општините ќе бидат охрабрени да фаворизираат домашно и органско производство на месо, јајца и млеко.

9. Поддршка за жртвите на силување

Дефиницијата за силување во кривичниот закон на Финска ќе се прошири и ќе вклучува недостиг од согласност.

10. Укинување на партиципацијата за високото образование

Високото образование кое резултира со диплома ќе биде бесплатно.

11. Повеќе спортски објекти

Владата планира да ја поддржи изградбата на спортски објекти и реновирањето на локалните спортски објекти, паркови итн.

12. Повеќе рециклирање

Новата администрација планира да воведе посебна колекција на текстилен отпад до 2025 година и да го зголеми рециклирањето на пластиката.

Фото: Yle

13. Повисоки цени на горивата

При оданочувањето на возилата ќе се земаат предвид и пониските емисии. Даночењето на фосилните горива ќе се зголеми во согласност со проектираното зголемување на цените за корисниците - цената на горивото и на дизелот може да се зголеми за околу 5 центи за литар.

14. Поголеми казни за оние што сексуално злоупотребуваат деца

Ќе се зголемува минималната казна, особено во случаите на сериозни сексуални злоупотреби на деца.

15. Борба против дискриминирачкото вработување

Владата планира да развие акциски план против расизам и дискриминација на пазарот на труд.

16. Основно образование за мигранти без документи

Програмата предвидува гарантирање на правото на основно образование за секое младо лице, вклучително и мигрантите без документи или оние во процес на имигрантска интеграција.

17. Забрана за гениталното осакатување на жените

Владата планира да обезбеди финансии за да работи на превенција на гениталното осакатување на жените во Финска.

18. Криминализација на принудните бракови

Една од целите на предложените планови е и поништување и криминализација на принудните бракови.

19. Медиумска писменост во борбата против лажните вести

Целта е да се спречи ширењето на дезинформациите преку предавање медиумска писменост во училиштата и во младинските центри и преку помагање на децата да се заштитат од онлајн-ризици. Има планови и за поддршка на одговорното новинарство на дигиталните платформи популарни кај младите.

20. Намалување на разликата во платите врз основа на пол


Планирана е поголема транспарентност за платите за да се намали јазот меѓу мажите и жените кога станува збор за висината на платите.

21. Родова неутралност во личните документи

Родовата идентификација ќе биде отстранета при обновата на личните документи.

22. Забрана за козметички генитални операции на деца

Козметичките немедицински операции на гениталии на многу мали интерполови деца ќе бидат забранети за да се заштити нивната автономија.

23. Фамилија и работа

Администрацијата разгледува закон кој ќе спречи загрозување на вработувањето на определено поради бременост или породилно.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот