Потребно е да ја вметнеме медиумската писменост во образовниот процес, истакна Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност пред почетокот на јавната дискусија на тема „Вклучување на медиумската писменост во образованието“.
Тој повика дека треба да се изнајде најсоодветен модел за да се вклучи медиумската писменост во образованието.
- Има различни примери во различни европски земји – некаде медиумската писменост е посебен наставен предмет, во некои земји е вметнат во други наставни предмети. Граѓаните кај нас се недоволно информирани или недоволно прецизно можат да проценат што се точни и квалитетни информации, а што се лаги и невистини и шпекулации. Има сериозни истражувања кои покажуваат една состојба која воопшто не е пријатна, ние сме на последното место во Европа според процената на точноста на информациите што ги добиваат граѓаните - рече Поповски.
Роберт Поповски (во средина)
- Се соочуваме со наплив на лажни вести и дезинформации. Владата има акциски план, ќе им помогнеме на граѓаните добро да бидат информирани, како да препознаат неточни информации или како да го прочитаат на вистински начин она што се пласира. Владата треба да преземе иницијатива за да може сето ова што се дискутира да го преточи во закон - додаде Поповски.
На дебатата, која е дел од Глобалната недела на медиумска писменост, обраќања имаа и министерот за образование и наука Арбер Адеми и амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар.
Извор: МИА