X
 07.11.2018 Образование

Медиумската писменост да се воведе во конвенционалното образование, порачаа студенти од Правниот факултет



„Да изградиме систем во кој медиумската писменост ќе го победи духовното ропство на 21 век“ беше една од пораките на студентите од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од денешниот собир на платото на УКИМ против медиумската пропаганда, лажните вести, манипулациите со дезинформации, против зачестените жртви на видеоигрите, агресивниот маркетинг, потрошувачкото општество, отуѓувањето.

Настанот беше дел од проектот „Не биди медиумска мета!“, кој го спроведува Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) со поддршка на Европската Унија и други невладини организации, а со него и македонските студенти се вклучија во одбележувањето на Европската недела на медиумска писменост.
Студентите во своите говори зборуваа за примери на масовните медиуми или „четвртата власт во секоја демократија“ кои имаат моќ не само да ги пренесуваат јавното мислење и ставовите, туку и да ги формираат и да ги пренасочуваат.
Бојана Крстевска, студентка во прва година на Правниот факултет, со порака до консументот на вести, кого го нарече плен на јавните гласила и жртва на општеството: „Користи го разумот, плови низ океанот на сите информации што ги добиваш, постигни ја амплитудата на твојата интелектуалност, одлучи – што е вистина, а што лага во општествената стварност со која секој ден се соочуваш“.

Студентот Симеон Јанев праша дали воопшто може да се зборува за медиумска писменост во Македонија, затоа што нема критичка мисла.
- Честопати одредена целна група до која се праќаат информациите ги голта и ги впива онака како што ѝ се сервирани. Во западните општества мас-медиумите имаат тешкотии за пробивање на пазарот затоа што тие општества се софистицирани и кај нив медиумското образование е застапено години наназад и е поткрепено со научни сознанија, за разлика од кај нас - рече Јанев.

Раководителката на проектот, комуникологот д-р Јасна Бачевска-Недиќ, професорка на Правниот факултет, рече дека со денешниот настан сакаат студентите од УКИМ да испратат порака до надлежните институции да размислат и да го забрзаат процесот на имплементација на медиумската писменост.
- Тоа го правиме преку студентите кои се најсензитивна општествена категорија, авангарда и носители на општествените промени. Тие беа многу расположени да говорат на оваа тема. Мотивирани се да кажат нешто против медиумската манипулација, и тоа не само како политичка манипулација, туку и за сите современи општествени проблеми, како отуѓување, потрошувачко општество, стил на живот… А сите знаеме дека медиумите денес се главен генератор и главен фактор во овој домен - изјави Бачевска-Недиќ.

Дали на дисперзиран начин, преку други предмети, на пример, ликовно, македонски јазик, ќе учат за медиумите и за проблемот на медиумите, или како посебен предмет, посочи професорката.
- Ние сè уште сме многу далеку од тој проект. Под притисок на ЕУ и невладиниот сектор веќе почна да се отвора како проблем, но сè уште сме далеку. Како граѓанско општество, може да вршиме притисок врз надлежните институции за решавање на проблемот за кој неколку години активно се зборува, но од Министерството и од Бирото за образование сè уште не се прави нешто поконкретно за вклучување во конвенционалното образование. Пресудни се волјата и акцијата и тоа треба што поитно да се стори. На пример, во Шведска одамна читањето не се учи преку буквар, туку на друг начин. Така што, преку процесот на осовременување на образованието треба да мислиме за имплементација на дигиталната писменост - истакна Бачевска-Недиќ.

Извор: МИА
Фото: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование