Предавањата траат по 3 часа, студентскиот живот е динамичен и балансиран, а според академската програма, викендот ни трае 3 дена за да можеме да се фокусираме на други вештини или едноставно да уживаме во слободното време
Дваесетгодишниот Иво Мишачковски од Скопје студира на приватниот француски факултет „Бургунди скул оф бизнис“ во студентскиот град Дижон, кој се наоѓа во близина на француската метропола. Средно образование завршил во гимназијата „Орце Николов“, а притоа волонтирал во невладини и хуманитарни организации.
- Студирам на приватниот факултет „Бургунди скул оф бизнис“ во градот Дижон, Франција. Мојот факултет има една додипломска насока за бизнис на англиски јазик. Тој е меѓу најдобрите факултети во Европа за бизнис и меѓу најдобрите факултети во светот за учествување на мастер-програми, а покрај тоа има добиено и неколку награди за најдобрата мастер-програма за вински туризам во светот – вели Иво.
Од голема помош при одбирањето на факултетот му била агенцијата за школување ЕАС, која му ја понудила опцијата за студирање на овој факултет.
- Најмногу ми помогна агенцијата за школување наречена EAC, но, за жал, јас не добив стипендија поради фактот дека многу доцна аплицирав на овој факултет, а сите други македонски студенти добија некаква финансиска помош - стипендија заслужена според успехот што го постигнале во средно. Причината што го одбрав овој факултет е првенствено поради неговото светско рангирање, местото каде што се наоѓа, богатата програма што ги опфаќа сите аспекти од сферата на бизнис и можностите за градење кариера откако ќе дипломирам - раскажува Иво.
На првиот академски ден се водевме според апликацијата измислена од самиот факултет
Навистина е необично првиот академски ден водич да ти биде мобилна апликација која дава детални информации за обврските и местата каде што треба да се оди за да се слуша првото предавање. Таков необичен академски ден доживеал Иво, па накратко го раскажа своето искуство:
- Мојот прв академски ден беше многу интересен и возбудлив. Со помош на апликацијата од факултетот знаевме каде и во колку часот треба да бидеме. Бев дел од интернационалната група, а од факултетот ни го објаснуваа административниот аспект за живеење во Франција. Понатаму бев во групи со студенти и цела година заедно присуствувавме на предавања во различни кабинети – вели тој.
Предавањата се слични како во Македонија во однос на нивното времетраење, но сепак се разликуваат во однос на активностите. Секој од часовите од едно предавање е резервиран за посебна активност.
- Предавањата класично се одвиваат како сесија од 3 часа поделена на повеќе сегменти, зависно од предметот и од желбата на професорот. Најчесто е поделено на: првиот час има интерактивно предавање преку пауерпоинт-презентација, вториот час - примери и задачи заедно со професорот и третиот час - групна или индивидуална задача, која е фокусирана на пракса, преку проекти, задачи, презентации. Оценувањето е акумулутивна оценка од повеќе оценки за активност, проекти, квизови, домашни задачи и испити. Во Франција е интересна скалата за оценување - од 1 до 20, за разлика од Македонија, каде што е од 5 до 10.
Тој моментално живее во изнајмен стан во близина неговиот факултет заедно со цимер од Македонија. Нивниот факултет нема сопствен студентски дом, но сепак им помага на студентите да најдат сместување благодарение на веб-страниците со кои соработува факултетот.
Студентскиот живот е динамичен и балансиран, а викендот трае 3 дена
- Месечните трошоци варираат во зависност од барањата на студентите, опременоста на станот и локацијата, но сепак регуларната цена за кирија и сметки би била околу 500 евра. Како студент во Франција, најголемата помош што ја дава држава е плаќање од 30 до 50 отсто од киријата, зависно од финансиската ситуација на студентот, но исто така студентите добиваат попуст во ресторани, па дури и во продавници. Студентскиот живот во Франција можам да го опишам како динамичен и балансиран. Според програмата, викендот секогаш ни трае 3 дена за да можеме да се фокусираме на други вештини или едноставно да уживаме во слободното време. Пријателства и дружба секогаш има и е интересно што тие секогаш се интернационални - сподели Иво.
Факултетот соработува со многу партнерски фирми и има своја веб-страница со која на студентите им се олеснува целиот процес на аплицирање и пронаоѓање работна позиција.
- Главните предности што ги имаат француските студенти во однос на македонските се познавањето на јазикот и државјанството. Франција е земја што му дава предност на своето. Ова може најмногу да се забележи во однос на вработувањето. Но, сепак, Македонците како странски студенти ја имаат предноста на културната разлика и билингвалноста. Една од причините зошто се запишав на овој факултет е поради можностите што ќе ми се отворат откако ќе дипломирам и помошта што ја нуди факултетот при вработување. Факултетот е познат по тоа што соработува со безброј партнерски фирми за полесно вработување на студентите и има своја веб-страница која го олеснува целиот процес на аплицирање и пронаоѓање работна позиција соодветна за тебе – вели Иво.
По дипломирањето, Иво планира да се унапредува во својата професија и да најде соодветна работа која ќе му овозможи да го пропатува целиот свет за да се пронајде себеси и местото каде што припаѓа.
Фото: приватна архива