X
 14.03.2019 Политика

Белгиските социјалисти предлагаат државата да одгледува и да продава канабис

Партијата на белгиските социјалисти франкофони, втората политичка сила во земјата, предложи државата да одгледува и да продава канабис.

Предлогот е објавен во пресрет на кампањата за претстојните избори за федерален парламент во земјата во мај и се очекува да наиде на поддршка меѓу помладите гласачи.

Претседателот на партијата, Елио ди Рупо, во неколку интервјуа објасни дека целта е потрошувачите на оваа лесна дрога да бидат подобро заштитени. Според него, во земјата канабис користат над 1,5 милион граѓани, но поради забраната за легално одгледување, тие се принудени да се поврзуваат со криминални кругови за да го набават.

Ди Ропо истакна дека годишните расходи на државата за спроведување на тековната политика за забрана и истраги се околу 300 милиони евра – за полицијата, судовите и затворите.

Според него, неопходно е државата да го следи квалитетот на произведеното растение и да наплаќа даноци за продажба. Тој додаде дека криминалците што продаваат канабис во моментов ги охрабруваат младите луѓе да се префрлат на други потешки дроги, стимулирајќи ги своите бизниси.

Лидерот на партијата, исто така, истакна дека Белгија досега била лицемерна бидејќи забраната не доведе до исчезнување на понудата и побарувачката.

Тој даде пример со САД, Канада, земјите од Јужна Америка, Холандија, Луксембург и други земји каде што властите дозволија употреба и поседување ограничени количини, кои се оданочени. Ди Рупо објасни дека според предлогот, и ако се укинат ограничувањата, забраната за продажба ќе остане во сила за малолетниците.

Белгискиот парламент допрва треба да дискутира за нацрт-законот за употреба на канабис за медицински цели. Социјалистите планираат да поднесат дополнување за да се овозможи производство и рекреативна употреба, но под државен надзор.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика