Борбата против менструалната сиромаштија во Франција, каде што феноменот на менструална несигурност погодува повеќе од два милиона жени секоја година, ќе напредува наредната година.
Имено, државата планира да им обезбеди бесплатни менструални производи за повеќекратна употреба на девојките и жените помлади од 25 години. Производите вклучуваат менструални чаши и менструална долна облека.
Француската премиерка Елизабет Борн најави дека од 2024 година менструалните производи за повеќекратна употреба ќе бидат 100 отсто субвенционирани од државата за сите жени помлади од 25 години.
- Се грижам за оваа тема и мислам дека е незамисливо жените да не можат да ја имаат потребната заштита. Затоа најавувам дека од следната година ќе воспоставиме надомест од социјалното осигурување за повеќекратна периодична заштита - објасни Борн.
Тоа значи дека девојките ќе можат бесплатно да добијат менструални чаши и менструална долна облека во аптеките.
Франција почна да се занимава со овој проблем уште во 2015 година, кога во јавноста излезе информација дека многу девојчиња не одат на училиште кога имаат менструација бидејќи не можат да си дозволат менструални производи. Тогаш ДДВ за влошките и тампоните се намали на 5,5 отсто.
Потоа, на почетокот на 2021 година на универзитетите беа поставени места со бесплатни средства за хигиена, а од оваа година во Франција бесплатни се презервативите за оние до 26 години, како и итната контрацепција за сите жени без рецепт.
Извор:
Srednja
Насловна фотографија: Pixabay