Има случаи каде што се затвораат штрајкувачите во мали простории, во мали канцеларии во детските градинки и не им се дозволува да одат во тоалет кога сакаат, или на појадок, а на бремени колешки не им се дозволувало да излезат на чист воздух, рече Неделков
Задоволни сме од односот на директорите и другите надлежни во основното и во средното образование, нема притисоци. Но во градинките, директорите, односно директорките вршат сериозен притисок врз штрајкувачите, обвини денеска на прес-конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Тој кажа дека има случаи каде што се затвораат штрајкувачите во мали простории, во мали канцеларии во детските градинки и не им се дозволува да одат во тоалет кога сакаат, или на појадок, а на бремени колешки не им се дозволувало да излезат на чист воздух.
- На ваков начин не се гради заемна доверба и не се наоѓа решение за проблемите. Овие директорки, жени, ако мислат дека цел живот ќе бидат директорки, се лажат. Утре ќе се вратат кај истите колешки кои сега трпат стравотен мобинг. Толку е силен мобингот, што нѐ молат да не споменуваме ни град ни градинка, за да не се открие од каде се информациите. За да не излезе дека пласираме дезинформации, ги повикувам оние што имаат надлежност да вршат мониторинг за време на штрајк, а тоа се инспекциите, да влезат во градинките и да видат што се случува таму - рече Неделков.
Тој кажа и дека Министерството за труд и социјална политика е институција која наместо да се обиде да најде заедничко решение, им се заканува на штрајкувачите.
- Преку писма до директорите, МТСП испраќа потсетувања за тоа како треба да постапат и им се закануваат на штрајкувачите. Во тие неформални писма нема ни потпис ни печат. Потсетуваат дека согласно Закон, штрајкувачите треба да работат осум часа, дека нема да имаат дневница и слично. Сето ова ние го сметаме за притисок врз нашето членство кое е во штрајк во градинките. А членството има апсолутно право согласно Закон за работни односи и Колективниот договор, да го изрази своето незадоволство - додава Неделков.
Тој потсети дека ако има одработување на деновите кои сега се губат поради штрајкот, наставниците ќе ги одработат, па затоа е апсурдно да им се кратат дневници.
- Ако колегите сега одат на работа и во градинките и во училиштата, не смеат да им се одбијат дневници. Со тоа се заплашуваат за да се откажат од штрајкот. Ако во училиштата ги одработуваат часовите по 10 јуни, како е можно да им се скрати дневница? Со сила никој не може да го прекине штрајкот. Ова е контрапродуктивно, со притисоци нема да нѐ скршат. Ние сме доволно скршени од третманот на општеството кон нас - рече Неделков.
Тој порача Владата да смогне сили, да покаже волја да се надмине овој проблем со тоа што ќе понуди соодветен процент за повисоки плати за дејностите детска заштита и образование.
Денеска е четврти ден од штрајкот. Нема конкретни предлози за повисоки плати, ниту пак, има преговори. Иако и СОНК и МОН тежнеат кон тоа да заврши штрајкот и учениците да се вратат во училишните клупи, сепак, решение засега нема. Од СОНК рекоа дека штрајкот секој ден добива на интензитет, односно и оние вработени што не биле членови на Синдикатот се вклучуваат во штрајкот.