X
 17.02.2015 Образование

Битолските студенти подготвени за првата вечер во автономната зона

Битолските студенти се подготвени да преноќат откако денеска го прогласија за автономна зона Техничкиот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“.

 

2


Опремени со вреќи за спиење, греалици и ќебиња донирани од Битолчани, триесеттина пленумци од УКЛО се подготвени да ја поминат првата ноќ во автономната зона. Иако парното им е исклучено, студентите велат дека тоа не е причина да бидат обесхрабрени и да се откажат од нивната цел. Донации пристигнуваат од Битолчани, а како што велат студентите обезбедена им е храна и останати продукти.

 

1


„Вечерва се обезбеди кујна, драго ни е што многу луѓе ни донесоа донации, имаме вода, храна, а  се подготвуваат и предавалните каде ќе ја поминеме ноќта. Некои луѓе ни донесоа греалици, затоа што Деканот на техничкиот факултет кажа дека нема да имаме греење вечерва“, изјави Александар Златановски од Студенстски пленум Битола.

Автономната зона на Техничкиот факултет беше прогласена денес. Студентите најавуваат дека ќе има опструкција на редовните предавања, меѓутоа испитите ќе се одвиваат непречено.

 

3

2


„Ние сме тука за да покажеме дека имаме силна волја и силен став да промениме нешто во ова општество, односно заедно да изработиме еден подобар Закон за високо образование кој што ќе биде од полза на сите. Баби и дедовци, ние излегуваме и за вашите внуци, мајки и таковци, тука сме и за вашите деца, излегуваме и за нас и за идните студенти“, вели Соња Ангелевска, од Студентскиот пленум - Битола.

Првата активност на студентите им беше проекција на емисијата „Топ Тема“ на Телма, на којашто нивните колеги дебатираа во врска со целата ситуација. Како што велат студентите, програмата е утврдена за утрешниот ден, а ќе има и алтернативни предавања, дебати, проекција на филмови, гостувања на музички групи, изложби како и други активности.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование