X
 29.11.2017 Образование

Симптоми и ефекти од дислексија на часот по математика

За синдрoмот на дислексија во нашите образовни институции се знае многу малку. За разлика од периодот кога Република Македонија била дел од СФРЈ и кога дислексијата се третирала во одредени воспитно-образовни сфери и од страна на соодветни специјалисти, во периодот по осамостојувањето на Државата, оваа појава е тотално запоставена во образованите институциите, така што наставниот кадар воопшто не е запознаен со појавата на дислексија и следствено не знае како да ги открие и како да работи со учениците кои се соочуваат со овој синдром. Тоа директно придонесува до отежнат напредок кај учениците со дислексија или уште повеќе до уништување на иднината на овие ученици за кои најчесто се кажува дека се мрзеливи или неспособни.

За голем поздрав е сепак основањето на Здружението за дислексија Ајнштајн (http://disleksija.org.mk/) формирано во 2013 година од група граѓани кои соочени со синдромот дислексија наишле на недостиг на информации и институционална поддршка. Здружението постои за поддршка и помош на лицата со дислексија, и исто така има за цел да го актуелизира овој проблем во државата. Со подигање на јавната свест за дислексијата кај образовните институции, кај родителите, релевантните институции и пошироката јавност, ќе се овозможи олеснување и подобрување на процесот на образование кај учениците со дислексија, кои за жал не се во мал број.
 
Овој текст е пред сѐ наменет за наставниците кои предаваат МАТЕМАТИКА и има за цел да им помогне полесно да ги препознаат симптомите на ДИСЛЕКСИЈА кај учениците кои ги поседуваат и при тоа да пронајдат соодветен индивидуален пристап за надминување на проблематичните точки во процесот на совладување на математичките вештини.

Основни податоци за дислексијата


Дислексијата е јазично базирано нарушување, што во основа подразбира тешкотии со читањето. Тоа е многу повеќе од гледање на буквите наопаку. Не е проблем со видот. Не е проблем со интелигенцијата. Не се работи ниту за мрзеливост. Тоа е начин на кој што мозокот го процесира пишаниот јазик и говорот. Луѓето со дислексија имаат проблем да ги поврзат знаците со соодветниот звук и обратно. Затоа учениците со дислексија немаат само проблем со читање, туку и со спелување, пишување, изговарање на зборовите, разбирање на текстот и така натаму.
 
Дислексијата е наследна и доживотна. Тоа не е состојба која поминува. Обично родители кои откриваат дислексија кај своето дете, доаѓаат до заклучок дека и некој од нив или од нивната фамилија се соочува / се соочувал со слично такво нарушување.
 
Дислексијата е многу пораспространета од она што се мисли. Според Меѓународното Здружение за Дислексија (https://dyslexiaida.org/), 15 до 20% од светската популација се соочува со одредени симптоми на дислексија, а во групата словенски јазици дислексијата достигнува 10 до 15%. Со други зборови, барем три или четири ученика во едно просечно одделение го имаат овој синдром.
 
Постојат докази дека мозочните врски кај индивидуи со дислексија се разликуваат од мозочните врски кај оние кои немаат дислексија. Всушност, постои разлика во доминантноста на хемисферите, како и разлики во можностите за процесирање во рамки на мозочните хемисфери. Кога се работи за математичкото процесирање, потребно е да се има предвид дека левата хемисфера на човечкиот мозок е одговорна за логичкото поврзување кое е потребно за броење и аритметички операции, додека десната хемисфера е одговорна за просторните способности, а тоа е всушност хемисферата која е доминантна кај повеќето лица со дислексија.
 
Дислексијата тешко се открива во предучилишна возраст. А вообичаено се открива кога бистри ученици покажуваат проблем со читањето. Но, битно е да се забележи дека не сите проблеми со читањето мора да бидат поврзани со синдромот дислексија.
 
Покрај поимот дислексија (тешкотии со читањето), потребно е да се познаваат, и соодветно да се разграничат следниве поими и нивните значења:

•  Дисграфија (тешкотии со пишување)
•  Дискалкулија (тешкотии со сметање и усвојување на математички концепти)
•  Диспраксија (тешкотии со моторички активности)

Како и зошто дислексијата може да го отежнува напредокот во математиката?

Не е невообичаено кај деца со дислексија да се појават потешкотии со математиката, односно дискалкулија. Но, дислексијата и дискалкулијата не секогаш доаѓаат заедно и може да се појават посебно. И двете нарушувања имаат невробиолошко потекло.

Во 70-те години од минатиот век одредени ученици кои биле дијагностицирани со дислексија, но сепак биле просечни или добри со математиката, добивале одредена помош од наставниците за надминување на проблемот со читање и пишување. Но оние дислексичари кои имале проблем и со читањето и со математичките вештини истовремено, биле етикетирани како бавни (помалку способни) ученици и тие не добивале никаква помош, се’ додека во 80-те години не се откриени неколку клучни проблематични точки или потешкотии кои ја поврзуваат математиката со дислексијата, а тоа се:

•  Тешкотии со читање и пишување
•  Тешкотии во разбирање на јазичната терминологија
•  Проблеми со визуелната и аудио перцепција
•  Краткорочна работна меморија
•  Проблеми со следење на редослед
•  Организациски слабости и ориентација
•  Проблеми со моториката

Бидејќи дислексијата како синдром се манифестира на различни начини кај различни индивидуи, истиот може различно да влијае на математичките способности кај различни индивидуи. Така, кај некои ученици овој синдром не мора да влијае воопшто на нивните математички способности, додека кај други може да има од слабо до силно влијание.

Поради тоа што математиката се потпира на широк спектар од способности чии центри се сместени на двете мозочни хемисфери, може да се случи дислексичарите да бидат лоши во множење и употреба на алгоритми, но од друга страна да имаат поголеми способности за визуелно-просторно разбирање или препознавање на шаблони, а со тоа и подобра способност за концептуално разбирање. Многу од дислексичарите имаат способност да ја видат големата слика што е потребно за критичко математичко размислување. Затоа и не треба на овие деца да се гледа како на бавни ученици. Тоа може да бидат деца со исклучителни способности.

Симптоми и ефекти од дислексија и/или дискалкулија на часот по математика
Битно е наставниците по математика да бидат запознаени со следниве потешкотии со кои може да се  соочат учениците со дислексија и/или дискалкулија, а се поврзани со предметот математика, како што се:

• Набројување на деновите во неделата;
• Набројување на месеците во годината;
• Запомнување на таблицата за множење;
• Немање чувство за поминато време и тешко разбирање на задачите кои се поврзани со време;
• Точно читање на броевите (13 може да го прочита како триесет или 40 како четиринаесет и слично);
• Проблем со едноставни операции (собирање, одземање, множење, делење)
• Именување на броевите (51 може да го прочита како петнаесет и слично);
• Броење нанапред и наназад;
• Именување на математичките симболи и запомнување на значењето на истиот симбол;
• Ментални пресметки;
• Употреба на пари;
• Проблеми со страните (лево/десно, напред/назад, пред/после, над/под);
• Забележување кога знакот се сменил (од “+” во “–“, на пример);
• Префрлање од една тема на друга;
• Правилно подредување на колоните (на пример при собирање, единици под единици, десетки под десетки итн.);
• Лоша презентација на буквите и математичките записи
• Разбирање на текстуални задачи поради тешкотиите со читање;
• Погрешно внесување броеви и знаци при користење калкулатор;
• Употреба на децималната запирка;
• Употреба на дропки;
• Запомнување на алгоритмите (обично запомнуваат погрешен метод).

Обидите за препишување на час


Индивидуалците кои имаат дислексија многу често се обидуваат да ги скријат нивните проблеми. Бидејќи се бавни при препишување и следење, тие не прашуваат константно за појаснување, туку се обидуваат да препишат од ученикот што седи до нив. На ова однесување не треба да се гледа како на обид за измама, туку како стратегија за преживување.

Соочување со анксиозност

Математиката е предмет кој индуцира анксиозност, бидејќи е егзактна и тука постои точен и погрешен одговор. Затоа е зголемен и ризикот од неуспех. Математиката е предмет за кој што е потребна висока самодоверба. Доколку учениците не се чувствуваат сигурни во знаењето и не се самоуверени, тие најчесто не преземаат ризици и избегнуваат да се изразат или да истапат со решение. Во оваа група секако спаѓаат дислексичарите.

​Како да им се помогне на учениците со дислексија при совладување на математичките вештини

​Наставниците се најбитниот фактор во стремежот да им се помогне на учениците со дислексија. Тие поминуваат најмногу време со овие ученици во процесот на учење и нивниот пристап и придонес е од неизмерна важност за иднината на индивидуите со дислексија.

Што се однесува до предметот математика она што е потребно наставникот да направи е следново.

а. Да се идентификуваат проблематичните точки кај ученикот со дислексија. Се мисли на сите можни потешкотии (од оние што се погоре наброени) со кои ученикот може да се соочи поради синдромот на дислексија

б. Да се посвети посебно внимание на концептуалното знаење и разбирање на јазичните поими, преку употреба на низа соодветни или еквивалентни фрази. На пример, во еден работен лист, еднаш ученикот ќе треба да одземе 17 од 50, а следниот пат да реши 50 -17. Трет пат ќе треба бројот 50 да го намали за 17. И покрај тоа што сите три случаи се однесуваат на ист математички процес, ученик со дислексија може да има проблем да препознае дека се работи за истиот процес.

в. Да му се помогне на ученикот да ги совлада алгоритмите за решавање на одредена задача или метод. На пример, како да започне со решавање, како да одбере процедура, како да премине од еден во друг чекор, како да ги запишува резултатите или концептите. Дислексичарите обично ги запомнуваат алгоритмите како да се рецепт, па во случај да ги заборават (и без разбирање на математичките концепти) се чувствуваат изгубено.

г. Користење на мултисензорен пристап. Овој пристап е корисен за развивање на апстрактното размислување кај учениците. Во рамките на овој пристап ученикот прво ги доживува визуелно математичките објекти или концепти; потоа ги опишува со зборови; следно се користат цртежи за да се претстави она што е видено и на крај се користат математички симболи за да се генерализира искуството. Така на пример, кај лекцијата за препознавање на еднакви дропки, може да се земат карти за играње, пица или чоколадо. Целината се дели на делови (на пример, половинки, четвртинки и/или осминки). Наставникот и ученикот притоа разменуваат различни делови од целината, а наставникот користи поими како: разменување, еднакви, исти, дел, целина, половина, четвртина од ... и слично. Преку овој пристап, ученикот се охрабрува  да ги користи термините за објаснување на дејствијата и концептот што го изучува. Потоа следуваат чекорите со цртање и запишување на еднаквите дропки од примерот.

​д. Охрабрување. Охрабрувањето е многу значајно за учениците со дислексија. Со нив треба да се работи внимателно. Така на пример, треба да се одбегнува да се бара од овие ученици да читаат на глас пред целиот клас. Од друга страна, треба да се знае и дека учениците со дислексија може да имаат прекрасни идеи, но да имаат проблем да се изразат или да ги напишат истите. Во таков случај, наставниците треба да ги охрабруваат овие ученици да ги напишат нивните идеи, визии, мислења, без да размислуваат за структурата на реченицата и правописот. Во следна фаза може да ги охрабрат учениците да се вратат и да го корегираат текстот, граматички и правописно.

Заклучок

​Според постојните податоци, 40% од учениците со дислексија немаат проблеми со математиката. Многу од нив се успешни математичари и во своите кариери ги комбинираат креативноста и математичките вештини, при што стануваат инженери или архитекти. Сепак, некои успешни возрасни со дислексија се сеќаваат на своите поранешни искуства на учење математика со потешкотии  и сведочат за нивно надминување преку соодветна поддршка и пристап што им помогнало во понатамошниот успех и напредок во кариерата.

Она што треба да се знае е дека нема еднозначен пристап во справувањето со дислкексијата и воопшто не е едноставно како што изгледа. Како што нарушувањата поврзани со дислексија не се еднозначни, така и пристапот кон справување со дислексијата кај поединци не може да биде еднозначен и едноставен.

Во секој случај на учениците со дислексија им е потребна директна и експлицитна инструкција за задачата што треба да ја завршат, а табелата во прилог би можела да биде уште едно помагало на наставниците за надминување на пречките во математиката кај учениците со дислексија.

Автор: Билјана Божиновска
Извор: https://matematika-plus.weebly.com/

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование