X
 14.05.2017 Живот

Дали сум попаметен откако имам паметен телефон?

Мобилниот телефон ми замени многу работи, бидејќи скоро за сè постои апликација. Повеќе не користам фотоапарат, МP3, роковник или нотес, календар, калкулатор, часовник или будилник - сè имам на паметниот телефон. Престанав да ги помнам родендените и договорите, телефонските броеви и адресите, но гледам дека сум заборавил многу работи кои претходно сум ги знаел. Во ред, паметниот телефон ми помага за многу работи, но и за многу работи ме врати назад. Да речеме, ми ја намали концентрацијата и посветеноста само на една активност.

Дали сум попаметен откако имам паметен телефон? И понатаму сум доволно паметен да можам да заклучам дали сум глупав поради мобилниот телефон. Премногу работи кои ги правев некогаш, денес ги заборавив поради мојот „Android“ - затоа одлучив да направам список на работи кои мобилниот телефон ми ги „избриша“ од мозокот.


1. Пишување со рака

Навикнати сме да пишуваме на екранот, така што заборавивме како е да пишуваш со рака и тоа недостасува.

2. Гледање телевизија


Луѓето кои не гледаа телевизија ми беа смешни и ги сметав за личности на кои не треба да им се верува, бидејќи сите гледаат телевизија. Овие луѓе, кои тврдеа дека само читаат книги, сметав дека сакаат да се направат паметни. Од тогаш до денес светот се промени, особено начинот на кој ги консумираме медиумите и забавата. А јас повеќе не поседувам телевизор. Виновен за тоа е паметниот телефон, виновен е таблетот, лаптопот, торентите, „YouTube“, „Netflix“... Избирам што ќе гледам и тоа без глупавите реклами.

3. Само гледање филмови или серии, без одвлекување на вниманието

Ова се надворзува на не-поседувањето телевизор, но ова е далеку помалку позитивен аспект. Значи, гледам филм или серија на компјутер, и ако во било кој момент ми стане досадно, ако содржината од екранот не ме забавува 100%, тогаш веднаш посегнувам по другиот екран - мобилниот. Или скролам на „Instagram“ или на „Tumblr“.

Што се случува? Губам концентрација, вниманието го насочуван на екранот од мобилниот и престанувам да го следам она што сум започнал да го гледам.

4. Будење веднаш

Некогаш се будев уште при првиот обид. Тоа беше одамна, кога имав вистински будилник. Со мобилниот телефон започна мојата зависност за продолжување на периодот на спиење. Денес, „snooze“ е мојот најголем пријател и непријател истовремено, бидејќи повеќе не се будам веднаш.

5. Телефонски броеви


Се сеќавам на мојот прв телефонски број, се сеќавам и на вториот бидејќи го имам и денес, се сеќавам на бројот на баба ми и го знам мојот сегашен мобилен. Тоа е тоа. Ништо друго не помнам, туѓите броеви на мобилните телефони не ги помнам, можеби делумно ги знам броевите на пријателите кои го имаат истиот број десет години или повеќе.

6. Шетање и разгледување околу себе

Заборавив што значи да шетам. Мислам на соло шетање, прошетки кои имаат медитативна функција. Некогаш имав навика да шетам без цел, да го истражувам градот, да излезам на свеж воздух. Сега ретко го правам тоа.

7. Фотографирање со вистински фотоапарат


Поимот фотоапарат ми изгледа застарено. Фотографираме поглупаво од претходно, а денес секој е фотограф - апликациите за фотографирање и обработката на фотографиите на луѓето им даваат чуство дека имаат талент и онаму каде што тој не постои.

8. Географија и снаоѓање во просторот


Се сеќавате на атласот? Една од омилените забави од училишните денови. Повеќе не ги знаеме знамињата, а „Google Maps“ ги замени вистинските карти и со тоа ја уништи способноста да ги читаме.

Ни се влоши и способноста за снаоѓање во просторот. На место каде одиме прв пат, веднаш го отвараме „Google Maps“, уверени дека ќе ни помогне.

Автор: Вук Ореб
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот