X
 03.04.2017 Култура

Иво Андриќ: „Завидливоста кај луѓето е гнев на боговите.“

„Знам дека колку и да е пространството на животот распослано на површината и во ширина, толку го има и во длабочината, така што невидливите и скриените можности на животот се безбројно многу  пати поголеми од оние кои ги гледаме површински. Единствено и така е можно да се поднесе животот и мислата за смртта.

Единствено активните луѓе и нивната борбеност и непоколебливост го движат животот нанапред, но само пасивните луѓе и нивната трпеливост и добрина го одржуваат, правејќи го возможен и поднослив.


Фото: Wikipedia

Завидливоста кај луѓето е гнев на боговите.

Во големите болници има по една соба каде се носат болните кои имаат уште неколку часа живот. Во вселената, оваа наша земја е таква соба за умирање. Тоа што се расплодуваме е само илузија, која се случува во границите на смртта на која сме осудени и заради која сме фрлени на оваа земја. Всушност, мерено со вселенска мерка а кажано на наш човечки јазик: вчера нè доведоа, а утре веќе нè нема.

Кога ќе надојдат тешки, матни времиња и кога ќе зачестат судирите и немирот меѓу луѓето, одеднаш  Библијата се отвора на нејзините најтемни страници и нашиот ужас или нашето неразбирање наоѓаат древни и познати зборови, како единствен израз.

Не смртта, туку заборавот решава сè. Заборавот, и тоа не само на поими, зборови и лица, туку на сè што постои и живее. Заборав на телото и заборав на времето. Заборав, за да може да се издивне и да се живее натаму во тело без сеќавања, со дух без име. Заборавот е смрт со право на надеж...

Дека старееме, дека умираме, тоа го знаевме отсекогаш, иако бавно се навикнувавме на таа помисла и тешко се помирувавме со неа. Но со текот на годините, и тоа пред смртта и пред самото стареење, доаѓаат нови мисли со кои човекот не може да се помири и кои го тераат во предвремена старост и во вистинска смрт пред умирачката. А тоа се: јасното и непопустливото сознание дека во сето она што е плодно, радосно и напредно во светот ние сè помалку и сè поретко учествуваме, дека за нас светот венее и умира пред нашите очи, а ние, сè уште живи но надвор од животот, внимателно го гледаме немоќни, без збор или движење...“

Иво Андриќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура