X
 14.05.2023 Живот

Припадниците на оваа генерација се најтешки за професионална соработка

Според најново истражување, соработката во работното опкружување најтешко се одржува со работниците кои се родени во текот на 1997 или подоцна, односно со припадниците на таканаречената генерација З.

Веб-страницата „Резиме билдер“ спровела анкета на 1.344 луѓе на раководни позиции во различни индустрии во САД. Околу 49 отсто од испитаниците изјавиле дека е тешко да се работи со припадниците на генерацијата З, додека дури 79 отсто изјавиле дека овие вработени имаат најмногу барања. Околу 59 отсто од работодавците откриле дека морале да отпуштат припадник од оваа генерација, а 20 отсто тврделе дека на работниците на оваа возраст им дале отказ во рок од една недела по вработувањето.

Најчестата причина за отпуштање на овие работници е бизарна. Имено, според резултатите од анкетата, припадниците на оваа генерација не се доволно вешти во користењето на технологијата. Освен тоа, овие работници често не се доволно мотивирани и не се трудат да ги завршат обврските, а некои сметаат дека не може да се концентрираат, немаат доволно комуникациски вештини и лесно се навредуваат.


Фото: Pixabay

Дали тоа е така или овие млади успешно ги одредуваат личните граници во суровиот капиталистички свет? Една студентка по комуникологија изјавила дека младите не се мрзливи, туку се родени во свет кој не функционира во нивна корист и сакаат да се смени начинот на кој работодавците им пристапуваат на вработените.

Друга студентка, исто така, не се согласува со резултатите од истражувањето и смета дека има генерациска празнина што доведува до такви резултати.

- Другите вработени молчат и работат, додека младите не сакаат да го следат тој принцип на работа бидејќи се ценат себеси и своето време. Ако чувствуваат дека се искористени, нема да молчат за тоа. Многу сме мотивирани за работа, но доколку забележиме неправда или дека некој не нè цени како работник, доволно сме вешти брзо да најдеме ново работно опкружување - посочила студентката.

Извор: Moj faks
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот