X
 16.04.2017 Култура

Истражувањата откриваат - Интервјуата за работа се бесмислени!

Сите знаеме како е кога се подготвуваме за интервју за работа - подготовката трае со денови, размислуваме што да облечиме, и опсесивно ги проверуваме времето и местото на интервјуто.


Фото: Freepik

Но, сето тоа е залудно - барем така вели Џејсон Дана, асистент професорот по менаџмент и маркетинг на училиштето за менаџмент при Јеил. Интервјуата за работа се крајно бескорисни и штетни во идентификување на најдобрите кандидати за работа.

Дана тврди дека оние кои интервјуираат обично формираат силни впечатоци за кандидатите кои често излегува дека се лажни. Тој наведува пример за негов пријател, кој се појавил на интервју пет минути порано, влегол и имал одлична дискусија со панелот на менаџери, па за брзо време му била понудена работата.

Еден од работодавците подоцна искажал колку бил импресиониран со тоа што неговиот пријател бил толку смирен и сталожен и покрај тоа што доцнел 25 минути. Излегло дека пријателот на Дана добил погрешно време за интервју, па не ни сфатил дека доцни и затоа бил толку смирен.

„Клучниот момент е тоа што луѓето немаат проблем кога ја „вртат“ информацијата во кохерентна приказна. Ова е вистина, како во случајот на мојот пријател, каде информацијата (доцнењето) е неточна“.

Луѓето кои студирале лична психологија го знаат ова со години. Така на пример, кога Медицинското училиште на Универзитетот во Тексас во 1979 година требало да го зголеми класот, прими повеќе од 50 студенти кои претходно биле одбиени во фазата на интервју. Овие студенти подоцна имале исти резултати во однос на академските перформанси и клинички перформанси како нивните примени колеги.

Со други зборови, проценката на анкетарите нема никаква улога во одлучувањето кои се најспособните кандидати. Уште позагрижувачки е тоа што интервјуата за работа го одвлекуваат вниманието од другите повредни информации за кандидатите.

Во еден пример од истражувањето на Дана, 76 студенти биле замолени да направат интервју на други студенти. Биле собрани корисни информации од интервјуата заедно со претходните академски резултати. Подоцна од студентите било побарано да го предвидат идниот успех на кандидатите, а потоа од нив било побарано да го предвидат идниот успех на друг студент без да му се направи интервју.

Резултатот? Предвидувањата направени без интервју биле многу поточни.

Дана заклучува дека луѓето се премногу сигурни во нивната способност да изградат точна слика за некој од разговорот лице-в-лице.

„Веруваме дека разговарањето со некој 10 минути ни дава подобро чувство за тоа кои се и што можат да понудат, многу повеќе од нивното CV, искуство, препораки и евиденција. Но, ова е грешка“, вели тој.

„Реално, неструктурираните интервјуа нема да исчезнат во скоро време. Дотогаш, треба да имаме во предвид дека нашите впечатоци и не се баш така точни и не би можеле да обезбедат сигурен водич за идните перформанси на кандидатот“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура