Следната година првпат луѓето повеќе време ќе поминат на интернет отколку гледајќи телевизија. Медиумската агенција „Зенит“ објави истражување во кое заклучува дека просечна личност дневно поминува 170,6 минути на интернет купувајќи, прегледувајќи вести и социјални мрежи, разговарајќи со пријатели, гледајќи видео и слушајќи музика. Според истите предвидувања, просечната личност ќе гледа телевизија 170,3 минути.
Телевизијата низ годините наназад ги губи корисниците со оглед на тоа што видеосодржината полесно и попрактично се гледа на онлајн-платформите, што вклучува и содржина што може да се најде и на редовните ТВ-канали. Користењето интернет е во постојан раст, со оглед на тоа дека мобилните телефони се сѐ поевтини, како и цената на мобилниот интернет.
Во споредба со 2011 година, користењето мобилен интернет скокнало за 504 отсто, додека користењето интернет на компјутер се намалило за 8 отсто. Гледаноста на телевизијата падна за 4 отсто. Аналитичарите тврдат дека следната година четвртина од интернет-сообраќајот ќе биде реализирана на мобилните уреди, што е сериозен раст за 5 отсто од 2011 година. Просечниот човек ќе помине 8 часа дневно консумирајќи медиуми, во една од неговите многубројни форми.
Во некои делови од светот телевизијата засега ќе остане предводник. „
Зенит“ даде претпоставки за до 2020 година, а дотогаш претпоставуваат дека интернетот нема да ја претекне телевизијата во Европа, Латинска Америка и во цела Северна Америка освен САД.