X
 14.06.2018 Живот

Специјален тротоар за зависниците од телефони

Градот Сиан, кој се наоѓа на северот на Кина, доби нови тротоари специјално дизајнирани за луѓе што одат побавно зашто имаат мобилни телефони в рака.

Како што пренесуваат тамошните медиуми, на тротоарите одделен дел е наменет за луѓе што не гледаат ништо освен својот мобилен телефон. Специјалниот дел од тротоарот е обоен во црвено, зелено и сино, широк е 80, а долг 100 метри. Од обичниот тротоар се разликува и по сликата со мобилен телефон.

Од трговскиот центар што се наоѓа во близина со месеци инсистирале да се постават специјални тротоари. Таму често има голем број автомобили кои луѓето што не го тргаат погледот од мобилните често не ги гледаат и не ги слушаат.

На локалните жители им се допаѓаат новите тротоари. Веи Хиаовеи вели дека првпат гледа ваков тротоар и додава дека изгледа прилично добро.

- Пешаците што се движат по новите тротоари се безбедни - вели таа.

Ху Шуја за новиот тротоар вели дека е добар начин за заштита на луѓето што постојано некаде брзаат.

- Младите луѓе денес се премногу брзи и постојано гледаат во телефоните. Ова ни помага да здивнеме, нѐ штити - вели тој.

Фото: Buka

Меѓутоа, корисниците на кинеската социјална мрежа „Веибо“ не се сосема воодушевени. Еден корисник напиша дека денешната опседнатост со мобилните телефони може да се спореди со пушењето опиум за време на династијата Кинг.

Друг корисник луѓето што шетаат со мобилните в раце ги спореди со слепи луѓе, додека други изразуваат загриженост дека тротоарот не е идеално решение бидејќи оние што се загледани во телефоните можат да се судрат едни во други.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот