Во 2022 година во Македонија биле завршени 6.301 стан. Од нив 3.844 биле изградени од деловни субјекти, а 2.457 во индивидуална режија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Лани деловните субјекти во Македонија граделе 2.519 објекти, а завршени се 3.844 станови со вкупна површина од 257.085 квадратни метри, од кои 3.714 се во индивидуална сопственост. Просечната корисна површина на завршените станови е 66,9 квадратни метри.
Податоците на ДЗС исто така покажуваат дека во текот на минатата година деловните субјекти што се занимаваат со градежна дејност извршиле градежни работи во вредност од 30.768.214 илјади денари. Од нив, 14.662.217 илјади денари се за објекти во индивидуална сопственост.
Анализата на
податоците според региони покажува дека деловните субјекти најмногу граделе во Скопскиот Регион, потоа во Пелагонискиот, Југозападниот итн.
Она што е впечатливо е големиот број на станови во скопската Општина Аеродром, каде што само во 2022 година биле завршени 1.120 станови со вкупна површина од 65.219 квадратни метри. Во оваа општина се граделе 53 градежни објекти, од кои 38 се во индивидуална сопственост. Вкупната вредност на извршените градежни работи само во Аеродром е 1.942.575 илјади денари.
Ниедна друга општина во земјава нема четирицифрен број на завршени станови во 2022 година, а на второто место, со далеку помалиот број од 336 завршени станови од деловни субјекти се наоѓа Гази Баба. Потоа следуваат Охрид со 254 завршени станови, па Струмица со 240, Центар со 218 итн.
Според региони, најмногу станови во 2022 година биле изградени во Скопскиот - вкупно 2.107, што е повеќе од половина од вкупниот број завршени станови во целата земја.
Кога станува збор за градењето во приватна режија,
податоците на ДЗС покажуваат дека индивидуални сопственици извршиле градежни работи во вредност од 16.896.526 илјади денари.
Во текот на 2022 година се градени 2.145 објекти и завршени се 2.457 станови со вкупна површина од 304.916 квадратни метри, од кои 102 се станови во викенд-куќи со вкупна површина од 7.981 квадратен метар. Просечната корисна површина на завршените станови е 124,1 м2.
По региони, најмногу се градело во Вардарскиот Регион, потоа во Полошкиот, Скопскиот итн.
Лидер по завршени станови во индивидуална режија, а анализирајќи по општини, е Тетово со 376, а потоа следуваат Гостивар со 366, Кичево со 144, Струга со 107 итн.
Во Аеродром во индивидуална режија биле завршени 30 стана, со што вкупниот број на станови што биле завршени таму лани е 1.150.