Бездомништвото е неизбежен феномен на денешниот модерен свет, за кој секојдневно се дискутира на различни нивоа. Погодува многу луѓе на сите континенти, а додека институциите се занимаваат со бездомниците само неколку пати годишно, има и такви што сфаќаат дека тоа е проблем преку целата година и со своите постапки се трудат да им го олеснат животот на сиромашните.
Еден од позитивните примери доаѓа од Финска, каде што бројот на бездомници драстично е намален во последните неколку години. Имено, во оваа скандинавска земја веќе некое време се применува концептот „Домување пред сѐ“. Сите бездомници добиваат мал стан и стручно советување - и тоа без никакви предуслови. Четири од пет погодени луѓе многу брзо се враќаат во нормален живот, а истражувањата покажуваат дека сето тоа станало поевтино за државата од прифаќањето на проблемите што доаѓаат со илјадници луѓе кои живеат на улица без покрив над главата.
Владата почнала да го применува новиот концепт „Домување пред сѐ“
Во 2008 година меѓу дрвјата во парковите на главниот град на Финска можеле да се видат многу шаторски населби и импровизирани домови изградени од бездомници кои биле изложени на тешки временски услови. Од 80-тите години финските влади се обидувале да го намалат нивниот број, но во секој обид долгогодишните бездомници и понатаму биле изоставувани. Во Хелсинки едноставно имало премалку засолништа за сите и многу бездомници не успеале да се извлечат од бездомништвото. Без адреса на живеење не можеле да најдат работа, а без работа не можеле да најдат стан.
Но, во 2008 година финската влада вовела нова политика за бездомниците - почнала да го спроведува концептот „Домување пред сѐ“. Оттогаш бројот на бездомници нагло се намалил. Имено, Финска си постави цел никој да не живее на улица и секој граѓанин да има покрив над главата, а денес е многу успешна во тоа и стана единствената земја од ЕУ каде што бројот на бездомници се намалува.
Фото: Freepik
За ова денеска најзаслужни се невладините организации „Уај-фондејшн“. Тие обезбедуваат домување на луѓето кои имаат потреба, сами се грижат за изградбата, купуваат станови на приватниот пазар на недвижности и ги реновираат постојните куќи. Становите кои денес можат да ги добијат бездомниците се еднособни или двособни, а дополнително, поранешните итни засолништа се претворени во станови за долгорочно домување.
Сите бездомници се претвораат во станари со договорот за закуп. Тие, исто така, треба да плаќаат кирија и месечни комуналии. Социјалните работници кои имаат канцеларии во нивните станбени згради им помагаат за финансиски прашања како што се барањата за социјална помош.
Поевтино е да им се помогне на луѓето отколку да се остават на улица
Новиот концепт го промени патот по кој Финска се движела со години. Бездомниците почнале да добиваат станови, а во таква ситуација им било полесно да најдат работа и да се грижат за своето физичко и психичко здравје.
Во последните 10 години овој концепт обезбеди речиси 5.000 стана во Финска. Но, создавањето на овие станови чини пари, па се потрошени 270 милиони евра за изградба, купување и реновирање.
Како што истакнува Јуха Какинен, директор на „Уај-фондејшн“, ова е многу помалку отколку цената на самите трошоци предизвикани од бездомниците. Бидејќи кога луѓето се бездомници, итните случаи се почести: почесто се случуваат напади, повреди, сериозни болести... Полицијата, здравствениот и правосудниот систем постапуваат почесто и сето тоа чини пари. За споредба, концептот „Домување пред сѐ“ е поевтин од прифаќањето бездомници: сега државата троши 15.000 евра помалку на годишно ниво по бездомник отколку порано.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Freepik