Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид-19, во период од 6 август заклучно со 25 ноември 2021 година. За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза вакцина.
Во период од 6 август до 25 ноември во државава позитивни од тестирани за ковид-19 биле 58.276 граѓанин, од нив 31% биле целосно вакцинирани, односно 17.896 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани. Според статистиката за изминативе месеци, 40.380, граѓани, односно 69% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.
Процентот на хоспитализирани лица е следен - од 468 моментално хоспитализирани пациенти, 91 се целосно вакцинирани.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.
Во период од 6 август до 25 ноември на територија на државата починале 1.986 пациенти со ковид-19. Од 1.571 пациент од починатите, односно 79% не биле вакцинирани, а 21%, односно 415 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има кај нас.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинацијата, секоја вакцина што ја имаме на располагање е безбедна. Апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКоВ2.