Стотици години Швајцарската гарда носи карактеристични униформи додека ги штити папата и Ватикан и во текот на годините се направени само мали промени, сè до оваа година. Сега традиционалните метални шлемови наречени морион се заменуваат со шлемови направени со 3Д-печатачи.
Униформите и опремата на Швајцарската гарда се полни со традиција. Модерната униформа била претставена во 1914 година и била инспирирана од уметнички дела од ренесансата на кои биле претставени војници. Со текот на годините Ватикан ги задржа традиционалните елементи на униформата, најмувајќи ковачи за да обезбеди заменски делови за оклопите. Минатата година Швајцарската гарда најави дека ќе ги замени шлемовите со други направени од ПВЦ, кои се полесни и поевтини од металните претходници. Ова не е безначајно нешто бидејќи војниците минуваат многу време надвор, на сонце, па шлемовите станувале жешки.
Првите 98 од вкупно 120 нови шлемови биле однесени во Ватикан на 22 јануари, на 513-годишнината од основањето на Гардата. Новите шлемови биле дизајнирани со помош на скенови на шлемови од 16 век и биле испечатени за само 14 часа со помош на 3Д-печатач, за разлика од металните, за чие производство биле потребни околу 130 часа.
Исто така, новите шлемови се значително полесни. Тие тежат само 570 грама, за разлика од претходните кои тежеа два
килограма. Новите шлемови се отпорни на ултравиолетово зрачење и имаат и вентилациски отвори. Со новите шлемови не се загрозува безбедноста на војниците бидејќи тие се користат за церемонијални цели, како миси и државни посети.