X
 07.11.2017 Култура

Водич низ „Лувр“, најголемиот музеј во светот

Најголемиот и најпознатиот музеј во светот се наоѓа во Париз, на десниот брег на Сена. Оваа палата, која се протега на површина од 210.000 квадратни метри, е вистински примерок на традиционалната француска архитектура.

Музејот Лувр е отворен во 1793 година, а се наоѓа во истоимената палата што е изградена во 12 век (остатоците од таа градба можат да се видат во подрумот на музејот). Кога почнал со работа, во неговите простории биле сместени само 537 слики, а денес во музејот „Лувр“ се наоѓаат околу 380.000 предмети, од кои 35.000 датираат од периодот на праисторијата до 19 век. Колекцијата на музејот значително била зголемена за време на Наполеон, но и во времето на владеењето на Луј Осумнаесетти и Шарл Десетти. Постојат и експонати и колекции кои се донација или подарок на музејот.

Она што прво се забележува при посетата на „Лувр“ е големата пирамида изградена од стакло и метал, која е лоцирана пред музејската зграда. Верувале или не, пирамидата е главниот влез во музејот. Изградена е во 1989 година, со висина од 21 метар, и веднаш стана препознатлив симбол на Париз. Низ оваа стаклена градба се влегува во еден од најважните светски музеи. Потоа, низ осум кустоски одделенија можете да се запознаете со музејските експонати: египетски старини, блискоисточни старини, грчки, етрурски и римски старини, но и предмети од исламската уметност, декоративна уметност, скулптури, сликарство, графики и цртежи.

Графика и цртежи

Во ова одделение, основано во 1986 година, се наоѓаат околу 130.000 цртежи, пастели, минијатури... Трудовите што се сместени тука се чувствителни на светлина и се кревки, па за посетителите е достапен само еден дел од оваа збирка.

Грчки, етрурски и римски старини

Ова восхитувачко одделение чува предмети од медитеранскиот регион кои датираат од 4 милениум пред новата ера до 6 век од нашата ера. Во крилото Денон се наоѓаат три простории каде што се сместени делата од преткласичната Грција, но исто така тука, како и во крилото Сали, во 20-ина соби се сместени грчки, етрурски и римски антиквитети. Тука е поставена и прочуената Милоска Венера (2 век пред новата ера), саркофаг на брачна двојка (6 век пред новата ера), а во римскиот дел се наоѓаат важни ранохристијански уметнички дела: саркофази, мозаици, теракоти...

Египетски старини 

Ова одделение е вонредно богато, изложените предмети датираат од праисторијата до коптската христијанска ера (4 век од новата ера) и се распоредени во три секции. Најголемата секција го прикажува фараонскиот Египет (зазема 19 соби) и е сместена во приземјето на крилото Сали, додека римскиот и коптскиот Египет се наоѓаат во долното приземје. Овде можат да се видат портрети од мумиите на римското египетско благородништво, фрески од Христос и игуменот Мен...

Сликарство


Ова одделение ги прикажува делата на европските школи, кои биле создавани од средниот до 19 век. Сликарството зазема и најголем дел од зградата: на вториот кат од крилото Ришелје се делата од француската и северната школа кои настанале од 14 до 17 век, а во крилото Сали се делата создавани меѓу 17 и 19 век. На првиот кат од крилото Денон се наоѓаат икони, француски дела од 19 век, како и дела од италијански, шпански и англиски уметници. Токму во овој дел се наоѓа и „Мона Лиза“ од Да Винчи (1503).

Блискоисточни старини


Ова одделение е основано во 1881 година, а е поделено во три секции: Месопотамија, древен Иран и Левант. Најпознатиот експонат  на одделението е Хамурабиевиот законик, најдобро сочуваниот законик од древна Месопотамија, кој настанал околу 1800 година пред новата ера. Овде се поставени и колосални статуи од бикови со крилја и човечки глави, кои ги штителе палатите на големото Асирско Царство (од 9 до 7 век пред новата ера).

Исламска уметност


Ова е најновото одделение во музејот „Лувр“ каде што се сместени над илјада дела на исламската уметност кои датираат од 7 век до современата доба. Предметите од ова одделение ги опфаќаат сите делови на муслиманското царство, но не и Северна Африка. Експонатите се изложени во 12 соби во долното приземје од крилото Ришелје, а претставени се по хронолошки распоред.

Скулптури

Во ова одделение се прикажани посткласичните скулптури што потекнуваат од раниот среден до 19 век. Најголем дел заземаат француските скулптури, повеќето сместени во крилото Ришелје. Најстарите скулптури се наоѓаат во приземјето: столбови од 5 и 6 век од базиликата Нотр Дам де ла Даураде (Тулуз), доцноромански врамен олтарски кип каде што се претставени Благовестието, Богородица, крштавањето на Исус.

Декоративна уметност


Целиот прв кат од крилото Ришелје му припаѓа на одделението со оваа уметност, каде што се изложени предмети кои се поврзуваат со периодот од крајот на антиката до почетокот на 19 век. Се истакнуваат порфирните колони од 4 век, дел од базиликата на свети Петар, што ја изградил Константин, каролинските плочи, византиските украси од слонова коска...
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура