X
 11.04.2021 Живот

Украински град разрушен во војната сака да го промени името во Њујорк

Што има заедничко град во Источна Украина разрушен од војната со американската метропола?

Речиси ништо. Нема облакодери, нема жолти такси-возила или светски познати музеи. Но, тоа не ги спречи жителите на градот Новгородское, во близина на Донечка област, да бараат промена на името во Њујорк.

Парламентарниот комитет ја одобрил промената, но предлогот мора да се најде пред пратениците кои ќе одлучат за неговата судбина.

Историјата на градот?

Основан бил од германски доселеници и првпат се нашол на мапата во 1846 година под името Њујорк. Од само неколку куќи, тој порасна и стана центар на неколку германски населби.

За доселениците се вели дека биле многу религиозни и живееле изолирани од другите. Тие имале свои училишта и станале богати, произведувајќи храна и земјоделски машини.

Германците почнале да ја напуштаат Украина  првин по Руската револуција, а потоа за време на Втората светска војна, кога биле протерани од Советите.

Во повоениот период и почетокот на Студената војна, градот го сменил името. Во 1951 година, Њујорк станал Новгородское.

Локалните жители сметаат дека името било променето поради политичката ситуација за време на Студената војна. Новгородское станал просперитетен индустриски град и продолжил да расте, сѐ до распадот на Советскиот Сојуз во раните 90-ти години.

30 години подоцна, градот е во катастрофална состојба и индустријата пропадна.

- Сме имале подобри времиња. Многумина заминаа по војната и имаме само една фабрика што остана да работи, но се надеваме дека можеме да ја промениме оваа реалност со менување на името на градот - вели Надја Гордиук, која е наставничка на деца со посебни потреби.

Локалните жители паметат подобри времиња. Порано во овој град имало фабрики што произведувале автомобили, плочки и хартија.

Страшната судбина на овој град ја делат и многу други градови во Донечката област. Поради конфликтот, тие го изгубиле пристапот до рускиот пазар и главните центри во регионот, како што се Донецк и Хорливка, кои во моментов се окупирани од сепаратисти потпомогнати од Русите. Градот Хорливка е оддалечен само 5 километри.

grad
Фото: Wikipedia

Зошто локалното население сака да го промени името во Њујорк?

На тој начин населението се надева дека ќе има нов почеток и дека тоа ќе помогне во привлекувањето туристи.

Главната улица го носи името Гартенштрасе и таму и понатаму можат да се видат старите куќи на германските имигранти, а зачувани се и неколку училишни згради.

При крај е и изградбата на нов културен центар, во кој ќе се наоѓа мал музеј со фотографии од германски имигранти и стари мапи кои ќе го покажуваат растот на градот низ годините, од само неколку жители до град со солидна големина.

- Ќе биде свеж почеток за нас. Се надеваме дека ќе ни донесе инвестиции и дека ќе доаѓаат туристи кои ќе ја искусат нашата историја - вели Татјана Краско, секретарка на локалниот градски совет.

За други, промената на името значи враќање на градот на своите корени и нема никаква врска со обидот да се копира американската метропола. Името Новгородское укажува на руско и советско влијание на градот.

- Важно е да се ослободиме од руското влијание тука - вели  Кристина Шевченко, која се залага за промена на името во украинскиот парламент во главниот град Киев.

- Ако го смениме името, можеме да му покажеме на целиот свет дека нашиот град не е поврзан со Русија. Бидејќи нашата историја не е руска историја. Тоа е европска историја - вели таа.

- Сметаме дека ова ново име може да ни даде нови инвестиции, работни места и повеќе туристи. Многу луѓе се преселија поради војната и ние сакаме да го промениме тоа - додава таа.

Поради пандемијата, многу од плановите на градот се одложени. Една од нив е да се одржи фестивал како голема прослава за новата иднина на градот.

Сепак, за да присуствуваат луѓе кои не се Украинци, на градот ќе му треба дозвола од украинската армија. Се смета дека Новгородское и понатаму е воена зона.

Извор: Euronews.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот