На сите ни недостига киното. Мирисот на пуканки, првата голтка од сокот што поминува низ нашите солени усти додека гледаме приказна поголема од животот што ја прикажува големиот екран. И додека овој период кината се затворени, жителите на Берлин уживаат исто како да се на кино преку „Виндоуфлокс“, филмски проект што ја оживува радоста на киното во свет кој се соочува со пандемија.
Како одговор на ограничувањата наметнати од социјалното дистанцирање, неколку берлински населби ги покануваат жителите да се сместат удобно на нивните балкони, градините, дворовите или прозорците за да гледаат филмови проектирани на соседните згради на таканареченото „фасадекинос“ (фасадно кино). Филмските програми се обезбедени од киногрупата „Јорк“, а се доставуваат и бесплатни пуканки преку локалните бизниси како „Кнале попкорн“.
- Нашата идеја е да докажеме дека луѓето не треба да бараат утеха во дигиталните екрани. Тие можат да ги отворат своите прозорци и да гледаат филм со соседите - вели Олаф Кархоф, директор на „Метагреј“, архитектонска фирма која го поддржува проектот „Виндоуфлокс“.
За да бидат дел од ова кино, љубителите на филмови треба да испратат е-порака до „Виндоуфлокс“ за да го искажат својот интерес и мора да живеат во станбен блок каде што најмалку 20 прозорци имаат поглед кон ѕид. Додека повеќето филмови се титлувани за да не се вознемируваат оние што не сакаат да ги гледаат, во некои соседства има и моќни звучни системи откако се согласиле сите од соседството.
Организаторите нудат
проекции бесплатно, иако се охрабруваат донации за да се помогне кампањата за финансирање.
Фото: Srceenshot/YouTube
- Берлинскиот кинематографски пејзаж е еден од најразновидните во светот, програмата е исто толку шарена колку и градот. Постоењето на кинопрограмите во Берлин е загрозено од тековната пауза. Би сакале да придонесеме за обезбедување на егзистенцијата на кинопрограмите на Берлин и со тоа да ја поддржиме кампањата - велат од „Метагреј“.
И Италијанците уживаат во слично искуство со кампањата што се спроведува на социјалните медиуми преку хаштагот #CinemaDaCasа, со која се проектираат филмови на фасади од зградите во Рим секоја вечер во 22 часот. Во Париз, затвореното кино „Ла Клеф“ проектира филмови на ѕидот од соседната станбена зграда.
Во Корк, Ирска, еден човек ја претворил својата улица во отворено кино проектирајќи стари филмови на страната на неговата куќа за неговите соседи да гледаат од нивните предни градини.