Луѓето што се излекувале од Ковид-19 може да го изгубат имунитетот на болеста во рок од неколку месеци. Според нови истражувања, вирусот би можел повторно да се врати кај луѓето, како вообичаените настинки.
Во првото истражување од ваков вид научниците го анализирале имунолошкиот одговор на повеќе од 90 пациенти и здравствени работници и пронашле дека нивоата на антитела што можат да го уништат вирусот го достигнале врвот по околу три недели од почетокот на симптомите, а потоа брзо опаднале.
Крвните тестови откриле дека додека 60 отсто имале „моќен“ одговор на антитела во екот на нивната битка со вирусот, само 17 отсто ја задржале истата моќ три месеци подоцна. Нивото на антителата паднало дури за 23 пати во тој период. Во некои случаи тие станале невидливи.
- Луѓето произведуваат разумна реакција на антитела на вирусот, но опаѓаат во краток временски период во зависност од тоа колкав е врвот. Тоа одредува колку долго остануваат антителата - вели д-р Кејти Дорес, главна авторка на истражувањето што било направено од Кралскиот колеџ во Лондон.
Имунолошкиот систем има повеќе начини за борба против коронавирусот, но ако антителата се главната линија за одбрана, наодите посочуваат дека луѓето би можеле повторно да се инфицираат во текот на сезонските бранови и дека вакцината не може да ги штити долго време.
- Ако инфекцијата ви обезбеди ниво на антитела што се намалува за два до три месеци, вакцината потенцијално ќе го стори истото, а една доза можеби нема да биде доволна - вели Дорес.
Фото: Pixabay
Раните резултати од Универзитетот во Оксфорд покажаа дека вакцината за коронавирус што се развива произведува пониско ниво на антитела кај макаките отколку што имаат луѓето заразени со вирусот. Иако се чинело дека вакцината ги штити животните од сериозна инфекција, тие сепак се заразиле и го пренесувале вирусот.
Постојат четири други вида коронавирус што се во распространета циркулација, а кои предизвикуваат обична настинка.
- Она што го знаеме за нив е дека се повторуваат кај луѓето многу често. Тоа значи дека
имунитетот што го создаваат луѓето не трае долго - вели професор Стујарт Нил, коавтор на истражувањето.
- Не можам да истакнам колку е важно јавноста да разбере дека заразувањето со овој вирус не е добра работа. Дел од јавноста, особено младите, се несигурни за заразувањето мислејќи дека ќе придонесат за колективниот имунитет. Не само што себеси ќе се стават во ризик, туку ќе ги стават и другите, но и ако се заразат во наредните години, се изложуваат на поголем ризик од потешко заболување на белите дробови - вели професор Џонатан Хенеј, виролог на Универзитетот „Кембриџ“.
Експертите, исто така, забележаа дека имунитетот не зависи само од антителата, туку и од Т-клетките што учествуваат во одбраната на организмот.
Сепак, експертите велат дека дури и ако на крајот немате антитела, тоа не мора да значи дека немате заштитен имунитет затоа што веројатно имате клетки со имунитетна меморија, кои можат брзо да преземат активности за да предизвикаат нов имунолошки одговор ако повторно стапите во контакт со вирусот, така што може да имате поблага инфекција.
Извор:
The Guardian