X
 28.06.2018 Наука

Комплексни органски молекули првпат откриени на Енцелад

На месечината Енцелад е откриена уште една од најзначајните состојки за живот: големи органски молекули богати со јаглерод.

Тоа е откритие што сугерира тенок, органски богат слој на врвот на океанската водена маса - многу сличен на микрослојот на морската површина овде на Земјата, што е извонредно богат со органски соединенија.

Овие наоди ја зацврстуваат хипотезата дека длабоко под ледената кора Енцелад може да зачува едноставен морски живот, збиен околу топлината на хидротермалните отвори.

Претходно, едноставните органски молекули откриени на малата месечина биле под 50 единици на атомска маса и содржеле само неколку јаглеродни атоми.

encelad
Фото: NASA


- Повторно сме изненадени од Енцелад. Пронајдовме органски молекули со маси над 200 единици на атомска маса, што е десет пати потешка од метанот.

- Со комплексни органски молекули што произлегуваат од течниот воден океан, оваа месечина е единственото тело покрај Земјата што е познато и што истовремено ги задоволува сите основни барања за живот каков што знаеме - вели геохемичарот и научник Кристофер Глин од Југозападниот истражувачки институт.

Минатата година податоците од леталото „Касини“ откриле присуство на молекуларен водород во пукнатините од површината на Енцелад - извор што би можел да биде реакција на водата на океанот со карпите преку хидротермални процеси.

Овој процес е забележан овде на Земјата околу хидротермалните отвори, вулканските отвори во морското дно кои испуштаат топлина околу водата што го опкружува.

Овие копнени хидротермални отвори често се далеку од животодавната светлина на сонцето, што ја поттикнува фотосинтезата од која зависи поголемиот дел од животот на Земјата.

Но топлината од отворите овозможува да се изврши поинаков процес - хемосинтеза. Бактериите околу отворите ја искористуваат хемиската енергија за да произведат храна.

И молекулите биле откриени од „Касини“ - леталото земало примероци од Енцелад пред да биде повлечено во септември минатата година.

Mожно е во иднина сондите, опремени со спектрометар со висока резолуција, да ги анализираат овие молекули подетално и со понапредна технологија. Во меѓувреме, истражувачите тука на Земјата продолжуваат да ги набљудуваат и експериментираат со хидротермалните отвори, со надеж дека ќе го унапредат нашето разбирање за тоа како би можел да изгледа животот на Енцелад.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука