X
 14.08.2023 Култура

Уникатни библиотеки што може да се видат низ светот

Стивен Кинг рекол дека книгите се уникатно преносна магија. Оваа магија мора да се чува некаде, а зградите што се создадени за да ги чуваат книгите исто така може да бидат магични. Се проценува дека во светот има 2,7 милиони библиотеки, а иако сите се прекрасни, некои се навистина уникатни.

Универзитетска библиотека „Сејкеј“ во Токио

Оваа библиотека е како излезена од научнофантастичен филм. Била дизајнирана од Шигеру Бан, а изградбата завршила во 2006 година. Еден ѕид од библиотеката е целосно направен од стакло, нудејќи фасцинантен поглед на посебните соби на различни катови.


Библиотека и оперска сала „Хаскел“ во Квебек

Оваа библиотека се наоѓа точно на границата помеѓу Канада и САД. Главниот влез е од американската страна, а повеќето од книгите се на канадската страна. Во неа дури има линија која ја означува границата. Во оперската сала бината се наоѓа на канадската страна, а повеќето од седиштата се на американската страна.


Библиотека на иднината (Future library), Осло

Секоја година оваа библиотека одбира различен автор кој пишува книга за колекција која ќе биде достапна за читање во 2114 година. Откако ќе бидат собрани 100 книги, тие ќе бидат отпечатени на хартија направена од шума која била одгледана за оваа цел.


Библиотека на плажа, Балчик

Бугарскиот град Балчик го нуди совршеното решение за гостите што сакаат да читаат додека се сончаат на плажа, а не сакаат да носат книги од дома. Таму има библиотека на отворено, која се наоѓа на плажа.


„Библиотека Александрина“, Александрија

Оваа библиотека била изградена во чест на старата библиотека од Александрија која била уништена во пожар. Библиотеката има фасцинантен дизајн, а била завршена во 2001 година.


„Тјенцин бинхаи“, Тјенцин

Ова е уште една библиотека со футуристички дизајн. Изгледот е импресивен, а истовремено е практична. Највисоките полици се недостижни, па затоа наместо книги, на нив има фотографии од книги.


„Библиотека Васонселос“, Мексико Сити

Однадвор, библиотеката изгледа како бетонски споменик. Но внатре се наоѓа голем простор со полици кои висат над главниот влез.


Библиотека на брегот на морето, Цинхуандао

Оваа библиотека често ја нарекуваат „најосамената библиотека во светот“ бидејќи се наоѓа на изолирана плажа до која нема пат. Луѓето мора да пешачат за да стигнат до неа.


Извор: Mental floss
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура