X
 22.08.2022 Култура

Зошто „Игра на троновите“ ќе има многу поразличен крај во книгите?

Благодарение на премиерата на „Куќа на земјовите“, Џорџ Р. Р. Мартин повторно е во центарот на вниманието потсетувајќи ги обожавателите дека сè уште напорно работи на пишување на последните два дела од „Песна за оган и мраз“. Љубителите на неговите книги веќе знаат дека првата книга излезе во 1996 година, а петтата во 2011 година, така што 2022 година ја означува 11-тата година од чекањето да пристигне „Ветровите на зимата“. Ако се надевате дека ќе ви каже кога ќе биде готова шестата книга, тогаш се залажувате: Мартин нема намера да даде предвидување кога би можела да биде готова книгата. Но, одвреме-навреме дава малку информации до кои очајно ќе се држиме додека го чекаме следниот негов збор.

Овој пат Мартин повторно дава одговор на многу поставуваното прашање: Дали книгите ќе имаат ист крај како ТВ-серијата?

Ова не е првпат Мартин да одговори на ова прашање. Уште во 2019 година пред финалето на „Игра на троновите“ тој кажа:

- Не мислам дека крајот на Ден Вајс и Дејвид Бениоф ќе биде толку поразличен од мојот крај во книгите поради разговорите што ги имавме.

Но тоа беше пред контроверзниот крај. Финалето наиде на многу негодувања од обожавателите кои речиси ги поминаа изминативе неколку години дебатирајќи дали крајот ја уништи целата серија и во некои екстремни случаи побараа од Ејч-би-о да ја „повтори“ сезоната. По сето тоа одговорот на Мартин на ова прашање беше уште поитен - дали книгите ќе го обезбедат она што обожавателите толку очајно го посакуваа? Или тоа ќе биде повторување на сето она што тргна наопаку?

Одговорот е комплициран.

Приказна за два завршетоци

На почетокот планот секогаш беше Џорџ Мартин да ги заврши книгите пред да заврши „Игра на троновите“. Но, полесно е да се каже отколку да се направи. На крајот, само еден роман беше објавен во текот на емитувањето на серијата.

Пишувањето на „Ветровите на зимата“ траеше многу подолго од очекуваното и на крајот адаптација на Ејч-би-о ги надмина книгите. За да компензира, Мартин разговарал со Вајс и Бениоф и ги сподели своите завршетоци што ги планираше за секој од главните ликови во приказната. Но, за тој крај беше разговарано пред речиси една деценија. Девет години подоцна Мартин направи поголем напредок во шестата книга и додека ја пишувал, сфатил дека крајот и не оди баш така како што првично планирал.

Накратко, по години работа на романот неговиот одговор на прашањето се промени.

- Мојот крај ќе биде многу поинаков - изјави тој во една пригода во „Њујорк тајмс“.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Додека некои од настаните во „Ветровите на зимата“ ќе се случат слично како во последните сезони од „Игра на троновите“, Мартин инсинуира дека крајот што првично го планирал (оној што го споделил со Вајс и Бениоф) значително се променил. И поради тоа, „Песна за оган и мраз“ нема да одговара на начинот на кој тој очекуваше.

Во блог-пост од јули 2022 година Мартин објаснува подобро, споредувајќи го неговиот процес на пишување со грижата за една градина.

- Друго прашање што го добивам често, особено по крајот на „Игра на троновите“ на Ејч-би-о, е дали „Песна за оган и мраз“ ќе заврши на ист начин. Архитект би можел да даде краток, концизен и едноставен одговор на тоа, но јас повеќе сум градинар. Моите приказни растат, еволуираат и се менуваат додека ги пишувам. Генерално знам каде одам, крајните дестинации беа во мојата глава со години. Сепак, понекогаш земјата под моите нозе се менува додека зборовите се излеваат - напиша тој.

Тој додаде дека додека пишувал, забележал дека приказната скршнува подалеку од телевизиската серија. Тој призна дека некои од работите што ги видел на ТВ-серијата обожавателите ќе ги видат и во „Ветровите на зимата“, иако можеби не на ист начин, но дел од работите ќе бидат многу различни.

Идејата книгата да се разликува од серијата не треба да е тешка за читателите на книгите; тоа е речиси она што се случуваше цело време. Дури и кога книгите даваа јасен патоказ, „Игра на троновите“ постојано се оддалечуваше од романите на Мартин: на пример, кога ја испрати Санса назад во Винтерфел и кога го уби сер Баристан Селми во Мерин.

Благодарение на ефектот на пеперутката, правењето мaли промени често резултира со поголеми. Во случајот со „Игра на троновите“, некои ликови воопшто не се појавија во серијата, а ги имаше во книгите. Потоа, постојат и такви што умреа во серијата, додека во книгите и понатаму постојат.

Со години обожавателите шпекулираа дека серијата ги отстранува ликовите на кои сепак им било предодредено да умрат. Во најмала рака, се чинеше дека се навестуваше дека тие нема да имаат значително влијание врз приказната на романот - како инаку би биле толку лесно отстранети?

Но, тоа е точно само ако Мартин работи кон истиот крај како Вајс и Бениоф, што веројатно не е вистина.

Во истата објава Мартин сподели дека кога станува збор за смртните случаи што ги видовме во „Игра на троновите“, работите може да се променат.

- Не сите ликови што преживеаја до крајот на „Игра на троновите“ ќе преживеат до крајот на „Песна за оган и мраз“, а не сите ликови што загинаа во „Игра на троновите“ ќе умрат во „Песна за оган и мраз“ - напиша тој.

Извор: Slashfilm.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура