Откако повеќе од 80 отсто од Европејците што учествувале во интернет-анкетата се изјаснија дека сакаат да го укинат поместувањето на часовникот на летно и зимско време, Европската комисија донела одлука дека ќе предложи цела ЕУ да се откаже од оваа практика. Сега се поставува прашањето на кое време ќе останеме.
Дали е подобро летното или зимското сметање на времето? Според анкетата, повеќето Европејци сакаат да се префрлат на летното сметање. Некои други земји, како Турција и Русија, веќе се имаат одлучено за летно сметање на времето.
Зошто поместувањето на часовникот е лошо?
За тоа со години се спроведуваат истражувања, за да се открие која практика е подобра за човечкиот организам. Иако повеќето луѓе се за летното сметање, истражувањата покажуваат дека постојат неколку проблеми. Првиот проблем е што со поместување на часовникот нанапред му создаваме проблеми на биолошкиот часовник. Со поместувањето на часовникот во пролет губиме еден час сон, што на некои луѓе можеби нема да им влијае, додека на други недостигот на сонот може да им создаде повеќе проблеми.
Шведското истражување открило дека ризикот од срцев удар е зголемен во првите три недели по поместувањето на часовникот во пролет, особено кај мажите помлади од 65 години. Канадско истражување открило дека промената на времето е најголемиот виновник за зголемениот број сообраќајни несреќи што се случуваат во понеделник наутро по пролетниот викенд во кој се менува часот. Зголемен е и бројот на несреќи што се случуваат тој прв работен понеделник, велат научниците од факултетот во Мичиген.
За здравјето е подобро зимското сметање?
Најочигледен проблем со перманентното летно сметање на времето се утрата, кои подолго време би останале во мрак, а тоа е голем проблем во северните земји во текот на зимата. Научните истражувања спроведени во Русија по префрлањето на летно време откриле дека бројот на сообраќајни несреќи што се случиле наутро се зголемил и дека луѓето чувствуваат поголем стрес, како и тоа дека е зголемен бројот на здравствени проблеми. Иако промената тогаш била доста популарна, само една година подоцна помалку од третина од Русите сакале да го задржат летното сметање на времето.
Од Кембриџ велат дека летното сметање е подобро
Но не сите истражувања донеле ист заклучок. Научниците од Универзитетот во Кембриџ дури пред десет години спровеле истражување што докажува дека летното сметање на времето има неколку предности. Тврдат дека во просек би се намалил бројот на сообраќајни несреќни, би се зголемила трговијата и би се намалило трошењето на енергија во критични времиња за 8 отсто. Тврдат дека сите предности се можни бидејќи активните периоди во текот на денот подобро се синхронизираат со дневната светлина.
Исто така, тие откриле дека дополнителен час на светлина во зима штеди енергија, бидејќи луѓето користат помалку електрична енергија и помалку ги загреваат становите. Ова ќе го намали негативниот ефект на штетните емисии на гас.
Луѓето би биле поактивни после работа
Една од гранките што ќе профитираат од летното сметање на времето е туризмот.
- Во пролет и во есен тој дополнителен час ќе им олесни на луѓето полесно да ја завршат работата и некои други активности - вели истражувањето.
Хендрик Волф, економист од Универзитетот во Вашингтон, се согласува со тврдењата на Обединетото Кралство. Според него, истражувањата покажуваат дека активностите, особено активностите на отворено, како што е трчањето, ја зголемуваат активноста за време на летното сметање наместо да вршат седечки активности, како играње игри и гледање телевизија.
- Со укинувањето на промената, наместо еден час светлина наутро и еден
навечер, ќе се добијат два дополнителни часа дневна светлина по работното време - заклучува Волф.