X
 27.09.2017 Наука

Како науката може да го подобри вашиот фокус?

Интернетот изобилува со совети за тоа како да ја подобрите вашата концентрација во моменти кога ви е одвлечено вниманието. Но многу од овие совети се нереални - колку од вас можат да пронајдат инспирација и забава во она што го работат или можат да ги исклучат социјалните медиуми, поминувајќи го денот со слушалки и работејќи офлајн?

Многу совети имаат мала поврзаност со она што психолозите го откриваат за начинот на кој работи човечкиот ум. Многу од работите што мислиме дека треба да ги правиме за да ни помогнат да се концентрираме, всушност, работат против начинот на кој нашиот мозок функционира природно.

Што науката може да ни каже за фокусирањето и кои совети всушност функционираат?

Мечтаење

Можеби се чини контраинтуитивно, но дозволувањето на вашиот ум да талка може да биде еден од најдобрите пристапи доколку се борите со фокусирањето. Психолозите сметаат дека поминуваме малку време мечтаејќи - скоро 50 отсто од времето според некои мерења. Ова доведува до тоа психолозите да заклучат дека скитањето на умот не е проблем, туку клучен дел од самиот систем што му помага на нашиот мозок да функционира.

Концентрацијата бара мрежа на региони на мозокот вклучувајќи го и фронталниот кортекс, кој е одговорен за отпорот на одвлекувањата на вниманието и контролирање на нашиот природен импулс да правиме нешто позабавно. Одржувањето на функцијата на оваа мрежа бара повеќе енергија отколку групата мозочни региони кои се активни кога не мислиме на ништо. Неизбежно, во одреден момент во текот на денот нашиот ум започнува да лута.

Кога веќе се случува, зошто да не биде во одреден дел од денот? Пол Сели, психолог од „Харвард“, прави разлика помеѓу намерно и случајно талкање на умот и вели дека случајното талкање не е добро за извршување на задачите.

Смејте се


Според неодамнешно истражување, добар начин за зајакнување на резервите на волјата е да се насмевнете.

Без разлика колку си ја сакате работата, фокусираноста кон нешто бара голема волја. Според неодамнешно истражување, добар начин на зајакнување на резервите на волјата е да се смеете. Во експериментите, луѓето што гледале забавно видео се обиделе подолго и понапорно да ги направат тешките загатки отколку контролната група луѓе што гледале видео што било опуштено, но не и смешно. Истражувањето заклучи дека хуморот ги полни нашите резерви толку ефикасно што работните места треба да поттикнат позабавна култура.

„Креирањето забавна култура во вашиот тим каде што намерно наоѓате нешто смешно како смешен имејл или видео на ’Јутјуб‘ е еден начин за зголемување на вашата продуктивност“, вели Дејвид Ченг, истражувач на Австралискиот национален универзитет во Канбера, кој го предводел истражувањето. „Секако, ова не значи дека треба да гледате смешни видеа цел работен ден, туку повремено да правите пауза, особено кога се чувствувате навистина уморно“.

„Теорија на оптоварување“

За да се концентрираме, треба да се ослободиме од сите надворешни одвлекувања на вниманието, така? Всушност, една теорија за вниманието го вели спротивното.

Нили Лави, психолог на Универзитетскиот колеџ во Лондон, ја создаде теоријата која ја нарече „Теорија на оптоварувањето“ во 1995 година. Идејата вели дека постои ограничување за тоа колку информации од надворешниот свет може да процесира нашиот мозок - откако сите „слотови“ на процесите ќе се пополнат, вниманието на мозокот одлучува кон што да се фокусира.

Експериментот на Лави вели дека ние можеби подобро работиме не во чиста и тивка средина туку во средина што е неуредна и збунувачка. Ова функционира бидејќи сите „слотови“ се полни, а мозокот треба да ја насочи својата енергија во фокусирање на најважната задача.

Проблемот ова да се стави во практика е да се пронајде вистинскиот вид на одвлекување на вниманието и да се држи на правилната страна. Клучот е да му дадете на умот доволно активности за вашиот мозок да нема шанса на друго место да бара стимулација.

Престанете да работите


Постојат огромен број докази кои укажуваат дека правењето пауза ќе ви помогне да извршите повеќе активности. Предизвикот е да откриете кога ви е потребна пауза, колку долго и што да правите со неа.

Некои истражувања од 90-тите години покажуваат дека поради природните варијации во нашиот циклус на будност, можеме да се сконцентрираме не подолго од 90 минути, пред да ни биде потребна 15-минутна пауза.

Други истражувања покажуваат дека дури и микропаузата или неколку секунди пауза совршено функционира.

Вежбањето е одлично за мозокот за време на паузите, со тоа што вашиот мозок ќе биде во подобра состојба особено ако вежбањето е проследено со кофеински пијалак. Добро би било доколку вежбањето го изведувате надвор затоа што поминувањето време во природа е докажан начин за подобрување на способноста за фокусирање.

Медитацијата е друга опција. Постојат докази дека луѓето што се искусни во медитацијата имаат подобра контрола врз нивното внимание.

Доколку сето ова звучи како премногу потрошено време, добро е тоа што и без вежбање, брзата доза на кофеин ја подобрува меморијата, времето на реакција и вниманието.

Пауза


Кога треба да се фокусирате подолг период, помалку е повеќе, велат истражувањата од Џо Дегутис и Мајк Естерман. Тие открија дека најуспешната стратегија за одржување на фокусирањето е да направите кратка пауза пред да продолжите да се концентрирате.

Слично истражување од Кристијан Оливерс открива дека вниманието на луѓето се подобрува кога им било кажано дека треба да направат пауза и да мислат на нешто друго, пред целосно да се сконцентрираат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука