Реномираната агенција за истражување на јавното мислење „Галуп“ го објави својот Извештај за глобалните емоции за 2019 година.
Минатата година „Галуп“ во своите анкети праша жители на 142 земји дали имале едно од следните пет негативни искуства еден ден пред да бидат испитани: стрес, загриженост, тага, лутина или физичка болка. Резултатите не се охрабрувачки бидејќи се покажа дека лутината, тагата и загриженоста се на највисоко ниво откако се извршува мерењето.
Најсреќните држави во светот
Резултатите покажаа дека најдобро е да се биде жител на Јужна Америка, особено на Парагвај - оваа земја има дури 85 бода во индексот за позитивно искуство на „Галуп“ и го зазема првото место. Веднаш по неа се наоѓаат Панама, Гватемала, Мексико и Ел Салвадор со 83 поени. Ваквите резултати најмногу се последица од културната традиција меѓу Латиноамериканците да гледаат на позитивните работи во животот.
„Најтажните“ држави во светот
Наспроти нив се наоѓаат следните земји: Чад, со 54 поени според индексот за негативно искуство на „Галуп“, па Нигер и Сиера Леоне и Ирак и Иран.
Фото: Printscreen
Резултатите на Балканот
Кога станува збор за лутината, 25 отсто од Македонците имале вакво чувство. Најлути се Црногорците со 33 отсто, а најмалку лути се Хрватите со 10 отсто. Во Босна и Херцеговина лути се 22 отсто од испитаниците, а исто толку се и Србите. 16 отсто од Словенците имале вакво чувство.
Кога станува збор за тагата, најтажни во регионот сме ние, Македонците, со 22 отсто, а местото го делиме со Хрватите и Црногорците. Во Словенија само 16 отсто изјавиле дека се тажни, во Србија 20 отсто, а Косово 9 отсто.
Кога станува збор за стресот, најлошо е во Хрватска со 48 отсто од испитаниците, во Словенија 34 отсто од испитаниците, во Босна и Херцеговина 32 отсто рекле дека се под стрес, во Србија и Црна Гора процентот е 30, а во регионот Македонците се најмалку под стрес - 29 отсто.
Загриженоста е најприсутна во Хрватска - 55 отсто од Хрватите изјавиле дека биле загрижени дента пред анкетата. Во Црна Гора загрижени биле 51 отсто, во Србија 45 отсто, во Босна и Херцеговина 39 отсто, додека во Македонија 42 отсто.
Кога станува збор за физичката болка, Албанија е најлоша во регионот - 46 отсто од испитаниците изјавиле дека нешто ги болело минатиот ден, додека во Словенија само 25 отсто од испитаниците изјавиле дека почувствувале болка. Во Македонија 33 отсто од испитаниците изјавиле дека почувствувале болка претходниот ден.
Бројките се добри кога станува збор за одмореноста. Повеќе од половина (54 отсто) од Македонците изјавиле дека се одмориле дента претходно. Кога станува збор за смеењето, во регионот Албанците имаат највисок процент на луѓе што се смееле (73 отсто), додека 54 отсто од Македонците изјавиле дека се насмеале претходниот ден.
Кога станува збор за почитта, речиси сите земји на Балканот имаат одлични резултати. 90 отсто од Македонците изјавиле дека биле почитувани дента претходно, 81 отсто од Хрватите, 95 отсто од жителите на Косово, 85 отсто од жителите на Србија, 83 отсто од жителите на Босна и Херцеговина.
Науката и учењето сепак не ни се силна страна, а не е ниту на Хрватите ниту на Црногорците, па така 35 отсто од Македонците изјавиле дека не научиле ништо во текот на претходниот ден.
Целосниот извештај можете да го погледнете
ТУКА.