X
 04.04.2026 Наука

Менталното активно седење може да го намали ризикот од деменција, покажува истражување

Седењето по неколку часа дневно може да биде штетно за телото и мозокот, но ново истражување на научници од Институтот „Каролинска“ сугерира дека активности како плетење или решавање сложувалки, наместо бесцелно скролање на социјални мрежи или пасивно гледање, помагаат да се неутрализираат некои од негативните ефекти на седентарниот начин на живот.

Научниците анкетирале 20.811 возрасни Швеѓани, претежно жени на возраст од 35 до 64 години, за нивната неделна физичка активност и времето поминато во „ментално активно“ и „ментално пасивно“ седење. Учесниците првпат биле испитани во 1997 година, а потоа повторно биле следени 19 години подоцна со цел да се процени ризикот за појава на деменција.

Седентарното однесување, како долгото седење, лежењето или полулежечката положба, е поврзано со ризик-фактори за деменција, како и висок крвен притисок, срцеви заболувања, дијабетес и дебелина, вели Метс Халгрен, главен истражувач и автор на истражувањето.

Сепак, активноста на мозокот е клучен елемент во заштитата од овие оштетувања.

- Мозокот функционира како мускул - вели тој.

Неактивното користење на мозокот во подолг временски период може негативно да влијае врз деловите поврзани со меморијата и учењето.

Во анкетата, ментално активното седење вклучувало канцелариска работа, присуство на состаноци, како и активности како плетење и шиење. Решавање сложувалки на компјутер се сметало за интелектуално стимулативно. Гледањето телевизија или слушањето музика се сметало за ментално пасивно однесување.

Учесниците во истражувањето што поминувале повеќе време во ментално пасивно седење имале значително поголем ризик од развој на некаков вид деменција во иднина, вели Халгрен.

Користејќи статистички модел, истражувачите процениле како промените во менталната активност влијаат врз ризикот: додавањето еден час ментално активно однесување додека се седи го намалува ризикот од деменција за 4 отсто, замена на еден час пасивно со активно однесување го намалува ризикот за 7 отсто, а комбинирањето со физичка активност, како одење, го намалува ризикот за 11 отсто.

Истражувањето има одредени ограничувања бидејќи почетната анкета била спроведена пред речиси три децении, кога паметните телефони, социјалните мрежи и бесконечното скролање не постоеле.


Претходни анализи покажале дека постарите лица можат да имаат когнитивни придобивки од користењето телефони, но помалку се знае за нивното влијание врз децата и младите.

Според Халгрен, и покрај технолошките промени, патеките што влијаат врз деменцијата се исти како и пред 30 години. Неговиот совет за намалување на ризикот од деменција е едноставен - помалку седење и повеќе движење.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука