Ново глобално истражување покажува дека местото каде што живееме може да има големо влијание врз тоа колку брзо човечкото тело старее, но и врз функционирањето на имунитетот, метаболизмот и цревните бактерии.
Научници од Универзитетот во Манчестер, во соработка со истражувачи од „Стенфорд“ и од други меѓународни институции, анализираа 322 здрави лица од Европа, Источна Азија и Јужна Азија за да испитаат како генетиката и опкружувањето ја обликуваат човечката биологија. Резултатите се објавени во научното списание „Сел“, а ги пренесува „Технолоџи нетворкс“.
Истражувачите користеа пристап кој вклучува анализа на гените, протеините, цревниот микробиом, метаболитите и други биолошки показатели. Посебно беа проучувани лица со исто генетско потекло кои живеат на различни континенти, што им овозможи појасно да го раздвојат влијанието на генетиката од влијанието на животната средина.
Се покажа дека етничкото потекло силно влијае врз имунитетот, метаболизмот и составот на цревните бактерии, без оглед на тоа каде живее лицето.
На пример, учесниците со јужноазиско потекло покажувале знаци на поголема изложеност на патогени, додека Европејците имале поголема разновидност на цревни бактерии и повеќе соединенија поврзани со ризикот од срцеви заболувања.
Животот надвор од матичниот континент ја менува биолошката старост
Најинтересниот дел од истражувањето се однесува на биолошката старост, процената за тоа колку се „стари“ клетките на организмот на молекуларно ниво.
Резултатите покажаа дека луѓето од Источна Азија што живеат надвор од Азија се биолошки постари од оние што живеат во Азија. Кај Европејците е забележан спротивен тренд - оние што живеат надвор од Европа покажувале знаци на помлада биолошка старост. Научниците сметаат дека ова покажува како животната средина и генетиката дејствуваат на неочекувани начини и можат да го забрзаат или да го забават процесот на стареење.
Истражувањето откри и досега непозната врска меѓу генот на теломеразата, кој игра важна улога во стареењето на клетките, и еден вид цревни бактерии. Таа поврзаност се одвива преку липидната молекула наречена сфингомиелин, што сугерира дека цревните микроби можеби директно влијаат врз брзината на стареење на организмот.
Авторите на истражувањето истакнуваат дека резултатите покажуваат дека медицината на иднината мора повеќе да ги зема предвид генетското потекло и животната средина на поединецот, наместо да применува универзален пристап во лекувањето.
- Бевме изненадени колку доследно етничкото потекло влијае врз имунитетот, метаболизмот и микробиомот, дури и кога луѓето живеат илјадници километри подалеку од местото на потекло - вели професорот Ричард Анвин од Универзитетот во Манчестер и додаде дека е еднакво јасно оти опкружувањето може значително да ги промени клучните молекуларни процеси, па дури и начинот на кој стареат нашите клетки.
Мајкл Снајдер од „Стенфорд“, кој го водеше истражувањето, истакна дека станува збор за прво вакво детално глобално биолошко профилирање на луѓе од различни делови на светот.
- Ова ни овозможува подобро да разбереме кои биолошки карактеристики се поврзани со етничкото потекло, а кои со географијата и со начинот на живот - рече Снајдер.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific