И покрај тоа што опфаќаат само помалку од 3 отсто од сите патувања на жителите на Велика Британија, патувањата подолги од 80 километри (во еден правец) се одговорни за 70 отсто од сите емисии на јаглерод поврзани со патниците.
Разликата е уште поголема кога се издвојуваат меѓународните патувања: меѓународните патувања се само 0,4 отсто од вкупните патувања, но се одговорни за 55 отсто од емисиите.
Новото истражување објавено во списанието „Нејчр енерџи“ покажува дека таргетирањето на патувањата на долги растојанија може да биде поефективен начин за справување со емисиите од сегашните напори кои се фокусираат на локални патувања и патувања низ градот.
Додека бројот на домашни патувања на долги и кратки растојанија со автомобил е малку намален во последните 25 години, меѓународните авионски патувања значително се зголемија, поттикнати од зголемувањето на патувањата за одмор и посета на пријателите и семејството.
- Степенот на влијанието на патувањето на долги растојанија е навистина многу голем. Помалку од 3 отсто од нашите патувања се одговорни за 70 отсто од емисиите, што покажува колку е важно патувањето на долги растојанија во борбата против климатските промени - вели д-р Зиа Вадуд од Институтот за транспортни студии и училиштето за хемиско и процесно инженерство.
Користејќи ја новата метрика, наречена чувствителност за намалување на емисиите, истражувачкиот тим пресметал кои видови патувања би можеле да се променат за да се максимира намалувањето на емисиите на јаглерод од патниците, а притоа да влијае врз што е можно помалку луѓе или патувања.
Поголем потенцијал од намалувањето на патувањето на долги релации
Истражувањето покажа дека ако сите патувања со автомобил под 12 километри се заменат со пешачење или возење велосипед, ќе има намалување на емисиите на јаглерод за 9,3 отсто. Сепак, околу 55 отсто од сите патувања ќе треба да се префрлат за да се постигне ова бидејќи повеќето патувања се вршат локално и во автомобили.
Спротивно на тоа, ако сите летови од помалку од 1.600 километри се заменат со железница, ќе има намалување на емисиите за 5,6 отсто.
Истражувачите нагласуваат дека потенцијалните промени се само предлози наменети да нè натераат да го сфатиме и повторно да го процениме влијанието на нашето патување на долги растојанија.
Истражувачите се надеваат дека нивните наоди можат да дејствуваат како двигател за креаторите на политиките да го разгледаат влијанието на патувањето врз животната средина.
Извор:
Phys.org
Фото: Pixabay