Моншау е едно од оние места во кои имате чувство дека патувате низ времето бидејќи воопшто не личи на она на што сме навикнати во денешно време.
Моншау е „сокриен“ во областа Ајфел и е одлична локација за истражување на околните градови на Германија, но и на Белгија, бидејќи се наоѓа на два километри од границата.
Како населба првпат се споменува во 1198 година под името Монжуа, а се развила околу средновековниот дворец во кој управувале кнезовите на градот Јилих. Низ вековите Моншау многу пати бил ограбен и разрушен, но секогаш успевал да го зачува својот шарм.
Градот, иако во самото место има малку што да понуди за туристите, годишно го посетуваат околу два милиона луѓе, што само сведочи за неговата убавината и необичност. Сместен меѓу ридови, тој нуди тесни улички со куќи со необични фасади. Овие куќи веројатно се најпривлечни за посетителите.
Зачуван е и средновековниот замок, но на него се гледаат траги од изминатите векови.
„Црвената куќа“, некогашна судница која му припаѓала на благородничко семејство, изградена во барокен стил, е привлечна за посетителите, но можат да видат само четири ката бидејќи другите четири се забранети.
Сите соби се раскошно украсени, а најголемо значење ѝ се придава на просторијата каде што се наоѓаат повеќето слики.
Реката Рур нуди можност да се согледаат околните шумски предели од различна перспектива, а може и пешки да се заобиколи националниот парк Ајфел.
Иако низ
историјата повеќе пати бил рушен, Моншау не бил воопшто допрен во текот на Втората светска војна, а причината за тоа можеби се крие во комплексот НС Орденбург, кој бил отворен во 1934 година.
Комплексот се состоел од три училишта во кои се образовала елитата, со цел подоцна верно да ѝ служат на нацистичка Германија. Некогашните простории во кои Хитлер создавал персонал погоден за одржување на неговата идеологија сега се отворени за туристите.