X
 06.08.2018 Живот

Како Токио го рециклира ѓубрето?

Секоја недела, илјадници пластични канти се ставаат на улиците на Токио за да се собере материјал што може да се рециклира. Во канцелариите, супермаркетите, железничките станици и други објекти низ целиот град, шишиња и други материјали што може да се рециклираат прецизно се одвојуваат и се ставаат во соодветните садови. Во фабриката „Минато“ на пример, стаклени тегли и шишиња се ставаат во жолти каси, додека лименките се депонираат сини каси. Екипите на „Минато“ собираат и весници, списанија, картони, пластика и пластични шишиња што може да се рециклираат. Сѐ освен хартијата, е пренасочено во Центарот за рециклирање „Минато“, што се наоѓа на вештачки остров. Отворен во 1999 година, „Минато“ е трикатна зграда и има технологија што може да го намали влијанието на модерниот животен стил на потрошувачите врз животната средина.

4
Фото: Tim Hornyak

Кантите полни со стакло се поставени на подвижните ленти и се носат на вториот кат на фабриката, каде што преземаат машините. Линијата автоматски ги истура шишињата и теглите во друг појас, каде работниците ги отстрануваат несоодветните предмети. Системот за осветлување и камера автоматски ги скенира и сортира според бојата на стаклото (без боја, кафеава или друга боја) и малите пневматиски активатори, како мини катапулти, ги допираат за тие да скокнат од појасот и да паднат на соодветно место.  Линијата може да се справи со 1 тон на час или околу 4.000 шишиња. Парчињата се собираат од компаниите за рециклирање и повторно се прават во шишињата.

Фабриката е преполна со работници, камиони и виљушкари. Освен кршењето на стаклото, активностите на фабриката главно се фокусираат на набивање, дробење и миење. Конзервите и лименките поминуваат низ машина за сортирање што користи магнети за одвојување на челикот и алуминумот, компресирајќи 1.400 конзерви истовремено. Резултатот се компактни пакети со тежина од 20 до 50 килограми. Металот е преработен во конзерви, авто делови или градежни материјли.

Пластичните шишиња изработени од полиетилен терефталат (ПЕТ), честа полиестерска смола, се натоваруваат и се фрлаат во корпа на дното на машината, што може да внесува половина тон на час. Тие излегуваат на другиот крај како пакети од 17 килограми. По обработката, ПЕТ може да се искористи за правење нови шишиња, ткаенини и канцелариски производи.

3
Фото: Tim Hornyak

Најтешките пакети направени во фабриката „Минато“ се од пластика како пакување од храна, шишиња од шампон и слично.

-Се надеваме дека повеќе луѓе темелно ќе го сортираат нивното ѓубре и пластика што може да се рециклира за да ја подобриме стапката на рециклирање - вели Акихиро Наито, менаџер во фабриката.

Мал број од 23-те одделенија имаат фабрики за рециклирање како „Минато“; повеќето се потпираат на приватните компании за преработка на материјали за рециклирање. Покрај тоа, типот на материјал што може да се рециклира варира од одделот. Компаниите за рециклирање се само еден од многуте играчи во играта за рециклирање, што исто така вклучува и поединци кои незаконски собираат материјали за рециклирање.

2
Фото: Tim Hornyak

-„Минато“ во моментов рециклира околу 29.8 отсто од своите материјали што можат да се рециклираат, а целта е 42 отсто до 2021 година. Околу 26 отсто од ѓубрето што може да се запали и 12 отсто од ѓубрето што не може да се запали, може да биде рециклирано, така што се обидуваме да ја подигнеме свеста работејќи со граѓаните и бизнис компаниите - вели Ко Тагучи, менаџер во одделот за намалување на ѓубрето во фабриката „Минато“.

Јапонија годишно користи 200 милиони килограми сурова нафта. Огромното мнозинство се преработува во бензин, керозин и други форми на нафта и се гори како топлинска енергија; околу 2.7 отсто оди кон создавање на пластика.

Рециклирањето е голема индустрија во Токио. Владата на Токио вели дека со промовирање на таканаречената „3Р“ стратегија (reducing, reusing, recycling) ќе се зголеми рециклирањето. Според Бирото за животна средина, во 2014 година, Токио рециклирал речиси 112.000 тони стаклени контејнери, 45.055 тони ПЕТ шишиња, 15.473 алуминиумски конзерви и контејнери, 564 тони хартиена амбалажа, 114.897 тони картони и 10.740 тони црно-бели кутии за храна.

Пластиката е исто така значаен извор на загадување во океанот. Во едно неодамнешно истражување за далечниот, ненаселен остров Хендерсон во Јужниот Пацифик, истражувачите од Велика Британија и Австралија откриле дека Јапонија и Кина се водечки земји на потекло за 17 тони пластичен отпад.

Но податоците велат дека работите се подобруваат. Во 2015 година, домашната потрошувачка на пластични производи опаднала за 1.3 отсто на 9.640.000 тони, додека општиот пластичен отпад паднал за 1.7 отсто на 4.350.000 тони, според бројките од Институтот за управување со отпад од пластика. Всушност, вкупната стапка на рециклирање на пластика е подобрена од 46 отсто во 2000 година на 83 отсто во 2015 година.

1
Фото: Tim Hornyak


Но на глобално ниво, Јапонија е бавна во рециклирањето. Според податоците за 2014 година од Организацијата за економска соработка и развој, стапката на рециклирање во јапонските општини била 21 отсто, под највисоко рангираната Германија што има 48 отсто, Шведска со 33 отсто и САД со 26 отсто.

-Од академска или техничка гледна точка, 100 отсто рециклирање е чудно и е нереално. Како такво, тоа е тешко прашање за оа дали стапката на рециклирање на Јапонија е соодветна. Мислам дека е разумно рециклирањето да се случи без владини субвенции - вели Кунихико Такеда, професор на Институтот за наука и технологија и критичар на процесот на рециклирање.

Дебитирање на ПЕТ шишињата


ПЕТ шишињата се појавиле во Јапонија во 1977 година како шишиња за сос од соја, зелено обоени и пласирани на пазарот како непроблематични, лесни, за еднократна употреба и попогодни од стаклените шишиња. Подоцна, пластиката била направена транспарентна за полесно рециклирање, а ПЕТ шишињата оттогаш станаа индустриски стандард.

Околу 563.000 тони ПЕТ шишиња биле продадени во 2015 година, а 501.000 тон биле собрани, што е стапка на рециклирање од 86.9 отсто.

-Сакаме потрошувачите да бидат свесни за важноста на отстранување на сите остатоци од течности од шишињата како и капачињата и етикетите пред рециклирањето - вели Тошико Ито, асистент менаџер во ПЕТ фабриката.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот