Во наредните неколку години Уганда ќе засади три милиони локални дрвја - од смоква до махагони. Дрвјата не само што ќе им бидат од корист на луѓето и планетата, туку и на нашите најблиски роднини од дивиот свет, шимпанзата.
На почетокот од оваа година непрофитната организација „Едно засадено дрво“ и Институтот „Џејн Гудал“ објавија дека заедно работат на „Проект за обновување на живеалиштата и коридорите на дивиот свет“ во Уганда.
Како дел од напорите, од 2020 до 2023 година ќе бидат засадени милиони дрвја во Западна Уганда, поддржувајќи долгорочно и големo oбновување на Албертин Рифт. Пејзажот на овој процеп е разновиден, глобално признат екосистем, кој е клучен за многу видови, а е и истакнато живеалиште на загрозените шимпанза. Освен тоа, тој е дом на над 50 отсто птици, 39 отсто цицачи, 19 отсто водоземци и 14 отсто влекачи и растенија од континентална Африка.
Целта е враќање и управување со овие витални заедници на диви животни, како и обезбедување значителни еколошки, социоекономски и културни придобивки за областа.
Во текот на последните две и пол децении милион хектари шума беа изгубени како резултат на зголеменото влијание од населувањето на луѓето, земјоделството од големи и мали размери, сечата и пожарите.
Фото: Pixabay
- Треба да ги заштитиме постојните шуми. Треба да се обидеме да ги вратиме шумите и земјата околу шумата што не е деградирана премногу долго, каде што семето и коренот можат да никнат и да го повратат земјиштето и да создадат неверојатен шумски екосистем - вели д-р
Џејн Гудал.
Затоа, во текот на наредните неколку години ќе бидат засадени вкупно три милиони дрвја (со најмалку 60 отсто стапка на преживување), 700 домаќинства ќе бидат обучени и поддржани да применуваат одржливи практики на агро-шумарството на нивната земја, и секое село што го опфаќа проектот ќе има барем една обучена индивидуа за следење на шумите.
Двете непрофитни организации велат дека потребата да се балансираат целите на зачувување и социо-економските потреби е клучна доколку сакаме да видиме трајни резултати.
Соодветно на ова, овој проект ќе продолжи да поддржува над 3.500 домаќинства во одржливо живеење преку бездимен и поефикасен шпорет на дрва, подобрени земјоделски практики, воспоставување претпријатија управувани од заедницата и програми за микрокредити и одржливи производствени техники што ги зголемуваат приходите додека ги штитат шумите.
Фото: Pixabay