X
 22.04.2023 Живот

Дали скакулците може да го заменат говедското месо?

Во Уганда скакулците се хранлив специјалитет и барана закуска. Паскал Квесига, новинар за Би-би-си, го опишува неговото прво собирање скакулци како тинејџер во Уганда.

- Бев многу горд кога се враќав дома со голема кеса полна со овие инсекти наменети за тенџерето - пишува тој.

Мирисот на скакулци го потсетува на Божиќ, кога е совршено време за собирање на овие инсекти. Тој открива дека повеќе сакал да јаде скакулци отколку говедско месо за Божиќ бидејќи му се допаѓа нивниот вкус. Децении подоцна, тој се обидел да реконструира некои од своите омилени јадења со скакулци во домот во Кампала, главниот град на Уганда, каде што нема тревни површини на кои би можеле да живеат скакулците. Тогаш добил идеја за експеримент - дали може да го замени целото месо во исхраната со скакулци?

Во Кампала може да се најдат улични продавачи на скакулци кои заработуваат околу 200 долари во сезона. Една пластична чаша со живи скакулци, со скинати крилја и нозе, чини околу 5 долари. Квесига опишува дека скакулците се јадат пржени, а се ставаат и зачини.

За време на неговиот експеримент, тој јадел скакулци со компир, ориз и чорба. Единствен предизвик била болката во вилицата која му се јавила по неколку дена поради џвакањето на крцкавите инсекти и чувството на жед што го оставаат солените скакулци.


Фото: Pixabay

Скакулците се богати со протеини, масти и здрави влакна, како и витамини и аминокиселини. Друга предност е одржливоста бидејќи одгледувањето на инсектите бара малку земја, енергија и вода. Со замена на половина од месото што се јаде со инсекти би можела да се намали употребата на обработлива земја за една третина, според експертите.

Одгледувањето инсекти произведува помалку штетни гасови од одгледувањето животни кои денес ги користиме за месо. Освен тоа, инсектите може да јадат органски отпад.

Можеби инсектите нема целосно да го заменат месото, но може да претставуваат алтернативен извор на протеини во светот кој веројатно ќе се соочи со недостиг на храна во следните години. Низ светот расте побарувачката за инсекти, а расте и бројот на компании за одгледување инсекти за јадење во Европа и во САД. Во некои европски држави инсектите за јадење може да се најдат и во супермаркети.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот