X
 22.08.2022 Култура

Денот кога умреа 90-тите: Како фестивалот на љубовта и мирот стана најголема катастрофа?

Колку брзо се менува општеството? Тоа е прашање што мачи многу социолози. Кога ќе ја погледнеме генерацијата на нашите родители, или уште подобро генерацијата на нашите баби и дедовци и ќе ја споредиме со генерацијата на некои нови деца, можеме да заклучиме дека општеството се менува навистина брзо.

Што е првото нешто што ви паѓа на ум кога ќе го споменеме Вудсток - најголемиот фестивал во модерната култура кој собирал млади луѓе од целиот свет и стана симбол на цела ера? За децата од 60-тите години, овој култен настан е синоним за мир, љубов, духовни вибрации и утописко чувство кое модерните деца никогаш нема да го доживеат.

Но, за децата од 90-тите години овој настан е синоним за војна, тотален хаос, пожари, експлозии, силувања, напади, немири и општа анархија. Веќе 30 години се поставува прашањето зошто? Како најрелевантниот настан во модерната култура стана општа катастрофа?

Вудсток, од неговото оригинално издание во 60-тите години, се повторувал неколку пати, а само три датуми ја обележале историјата. Страници во историјата на фестивалот испиша и Вудсток од 1999 година, кој до ден-денес го сметаме за една од најголемите катастрофи во забавната индустрија; како и Вудсток од 2019 година, кој беше наменет да ја одбележи 50-годишнината од оригиналот, но никогаш не се случи поради низа организациски проблеми.

2
Фото: Wikipedia
Општество на мир, љубов и единство

Пред повеќе од 50 години половина милион луѓе се собраа на фармата за крави во Њујорк за да шират мир и љубов на најголемиот уметнички и музички фестивал. Бил топол августовски ден, а во текот на трите дена атмосферата дополнително ја загревале големи музички имиња. Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џоан Баез,  Кросби, Стилс, Неш & Јанг и многу други привлекоа толпа 10 пати поголема отколку што замислувале организаторите.

Уште од самиот почеток работите не изгледале добро. Во тоа време селото Вудсток било главно место за собирање на уметнички и идеалистички групи млади либерали. Во тоа време се сметало дека хипиците се опасни, па локалното население и локалната власт на секој можен начин се обидувале да го спречат нивното собирање. Организаторите ја изгубиле лиценцата поради војната со локалното население и локалната власт, па целиот настан морал да биде префрлен еден месец пред почетокот.

Сепак, тоа не ги спречило младите желни за забава да се соберат во толкав број. Без разлика што била потребна влезница за  фестивалот, возбудената толпа непосредно пред почетокот ја срушила заштитната ограда, па сите можеле да влезат. Организаторите повеќе не можеле да ги проверуваат билетите, па на крајот целиот настан станал бесплатен, а редици луѓе од целата земја се упатиле кон најпознатата фарма за крави во светот.

Сè што се случувало од 15 до 18 август 1969 година испишало историја. Вудсток стана легендарен настан и одличен генерациски момент кој покажа дека младите, и покрај дождот, калта, метежот, гласната музика и морето од алкохол - можат да се однесуваат цивилизирано.

Младешкиот ум од доцните 60-ти бил длабоко навлезен во контроверзната Виетнамска војна. Тоа било време на движењето за граѓански права и период на големи протести и немири. Вудсток бил совршена можност за тогашната младина да избега од суровото секојдневие и со музика и уметност да испрати силна порака за љубов, мир и единство.

Денот кога умреа 90-тите


И таква беше сликата за Вудсток сè до 1999 година. Неодамна на „Нетфликс“ беше објавен документарен филм за озлогласеното издание на овој фестивал од 1999 година, кој покажува дека напредокот не е неопходната насока на нашето општество. На 30-годишнината од култниот фестивал се собраа млади луѓе кои наместо во мир и љубов, уживаа во општ хаос, вандализам, насилство, силување и тотално фијаско.

„Ова личи на Босна“, „Ова не е Вудсток на нашите родители“, „Ова е воена зона“ - се само некои од изјавите на посетителите на Вудсток од 1999 година кои можете да ги слушнете во споменатиот документарец.



Вудсток од 1999 година требаше да ја прослави 30-годишнината од мирот, љубовта и единственото, а на крајот ја заслужи титулата „денот кога умреа 90-тите“.

Тотален колапс на системот

Децата од 90-тите ја обвинуваа алчноста на организаторите за целосното фијаско, кои сакале да го земат секој долар од посетителите. Превисоките цени на билетите, неверојатно скапите шишиња вода, местоположбата на врелиот асфалт наместо зелената трева, искривената сексуалност и агресивната публика беа рецепт за фестивалска катастрофа.

Целосниот распад на системот се случи кога „Ред хот чили пеперс“ изведе преработка на песната „Фајр“ на Хендрикс. Оваа песна требаше да биде посвета на оригиналното издание од 1969 година, но наместо да се „запали“ атмосферата, беа запалени возила, шатори, кабини и кули. На крајот, местото изгледаше како да паднала бомба, па дури и преплашената полиција не можеше многу да направи.

Вудсток 2019 ни покажа дека оваа форма на забава почина во 90-тите. На хартија, идејата изгледаше навистина добро. Зошто да не го обновиме Вудсток за да ја прославиме 50-годишнината од музичкиот и уметнички фестивал на мирот и љубовта? Затоа што веќе не сме општество на мир и љубов и затоа што денес е популарно комерцијалното.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура