„Римац“ ја почна изградбата на новиот кампус кој ќе биде седиште на хрватската компанија за автомобили, јавува „Т портал“. Во тек се подготовки на земјиштето, а изведувач е хрватската компанија „Фациес“.
Новиот кампус ќе зафаќа простор од околу 200.000 квадратни метри, од кои 95.000 квадратни метри ќе бидат работна површина. Изградбата чини 200 милиони евра и во моментов е еден од најголемите градежни и финансиски проекти во државата.
Градската управа на Света Недела, во близина на Загреб, каде што ќе биде сместен кампусот, годинава потпиша договор за изнајмување на земјиштето на 69 години. Според договорот, „Римац“ мора да го заврши кампусот за најмногу 3 години по потпишувањето. Во моментов „Римац“ има околу 1.100 вработени кои работат од шест локации.
Кампусот ќе се гради според проект на загрепското студио „3ЛХД“ и архитектот Марко Дабровиќ. Во рамките на кампусот ќе има истражувачки центар, патеки за тестирање возила, производни хали и спортско-рекреативни содржини за вработените.
Подготовките за кампусот почнаа во 2019 година. Во меѓувреме компанијата ја продлабочи соработката со „Порше“ преку повеќе зделки, потпиша договори за техничко партнерство со „Хјундаи“ и „Киа“ вредни 80 милиони евра, најави производство на автономни такси-возила за Загреб, го промовира прототипот на хиперавтомобилот „невера“ и го презеде луксузниот бренд „бугати“ од „Фолксваген“.
Од компанијата изјавија дека новиот кампус треба да биде готов во 2023 г., а меѓу другото, таму ќе се развиваат и нови модели на „бугати“.
Извор:
Tportal