X
 29.10.2020 Образование

Училиште што ги побива родовите стереотипи: Ученичките учат како да сменат гума и масло на автомобил

Додека училиштата прават одлична работа учејќи ги децата на сето она што треба да го знаат од математиката, литературата, науката, физичкото образование и сè што е помеѓу, некои тврдат дека не е ставен доволен фокус на животните вештини, како што се користење алатки, поставување мијалник, поставување полици и што уште не.

Денес, ваквите лекции можат многу лесно да се научат на „Јутјуб“ и другите видеоплатформи. Но, колеџот „Стела Марис“ во Сиднеј, Австралија, одлучи да го направи токму тоа. Ги учи своите ученички на основите за одржување автомобили и сè што е поврзано со автомобилите.

Училиштето неодамна на „Фејсбук“ сподели објава со наслов „Основни животни вештини“ каде што разработи некои лекции што ги учат ученичките во повисоките одделенија. Девојчињата учат различни вештини за одржување автомобили од „Галматик“, средно училиште за одржување автомобили што нуди работилници и курсеви за жени и тинејџери.



Предавањата вклучуваат практична настава за тоа како девојките да сменат гума на автомобилот, како да се провери притисокот на гумите, како да се провери нивото на маслото и течноста за ладење, што да се направи при сообраќајна несреќа и други работи. Сето ова е направено со надеж за поттикнување на независноста, силата и снаодливоста кај младите жени.

Овие часови предизвикаа позитивна реакција и се покажаа како ефикасни во учењето на потребните вештини.

1

- На годишно ниво обучуваме 100.000 тинејџери во училиштата во сите делови на Сиднеј за тоа како се одржува автомобилот и им помагаме на луѓето да се чувствуваат попријатно и побезбедно зад воланот. Нашите курсеви не се наменети само за тинејџерите - вели директорката на „Галматик“, Елена Митакос.

Помошник-директорката на колеџот, Ејми Смит, вели дека ученичките се многу задоволни, а задоволни се и родителите.

- Повратните информации се доста добри, учениците велат дека наставниците се трпеливи и темелни - истакнува Смит.

Во некои делови од светот овие животни вештини се вклучени во други наставни програми, додека во други земји одржувањето на автомобилите се учи како дел од автошколата кога луѓето полагаат за возачка дозвола. Овие вештини се предаваат и во стручните училишта кога се учи механика, логистика или слични предмети.

Извор: Bored Panda
Фотографии: Galmatic Garage
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование