На илјадници работници од Велика Британија наскоро би можел да им биде вграден микрочип на раката меѓу палецот и показалецот. Микрочипот би требало да служи како безбедносна дозвола за влез во просториите на компанијата, за отворање на вратите, за печатење итн. Тој би бил замена на картичките кои се користат денес, а доволно би било само замавнување со раката за да се изврши некоја функција. Не станува збор за некоја нова и револуционерна технологија што досега не била позната, туку за технологија која е многу слична на чиповите што им се ставаат на домашните миленици.
Некои британски компании веќе нарачале чипови, испраќајќи порака дека се подготвени за влез во новата доба во светот на бизнисот. Шведската компанија за микрочипови „Биохакс“ потврди дека има порачка од една голема британска финансиска институција која има стотици илјади
вработени, што би значело дека Британците очигледно имаат намера да го прават тоа помасовно.
Не е ни чудо што британските медиуми веднаш почнаа да пишуваат за инвазија на приватноста и на помош ги повикаа синдикалците за да ги заштитат работниците.
Јован Естерлунд, основач на „Биохакс“ и поранешен пирсер, истакна дека нивните микрочипови, кои чинат по 150 фунти, можат да им помогнат на финансиските и правните компании да станат побезбедни.
Сите тие работат со чувствителни документи, а чиповите би им помогнале да знаат кој смее да ги види и кој ги видел.
За 4.000
Швеѓани микрочипирањето веќе неколку години е реaлност.
Гледано од практична гледна точка, микрочиповите вградени во телото можат да се доживеат како поедноставување на животот во смисла дека сите податоци ги носите со себе и не треба да се грижите за нив. Но, тука доаѓа прашањето кое е неизбежно кога станува збор за технологијата, а тоа е колку таа навистина е безбедна и заштитена од разни злоупотреби.
Микрочиповите би требало да служат за работодавците и компаниите да бидат посигурни кога станува збор за движењето на работниците и нивните овластувања во просториите на компанијата. Нивото на овластување би требало да биде вградено во микрочиповите, притоа олеснувајќи го животот на вработените, а некои тврдат и дека приватниот живот би бил многу полесен кога чиповите би содржеле информации од личните документи и банкарските сметки. Етичките дилеми ќе се зголемуваат како што чиповите ќе стануваат
пософистицирани.