Истражувањата покажуваат дека љубопитноста предизвикува среќа и ја лекува пристрасноста. Но, научниците пронашле уште некоја придобивка – љубопитноста ја подобрува меморијата. Колку повеќе сте љубопитни за нешто, толку полесно ќе запаметите што сте научиле за тоа. Полесно ќе ги паметите и инцидентните информации што ќе ги учите, дури и ако не се директно поврзани со областа за која сте заинтересирани.
Студија од 2014 година покажала дека кога луѓето се љубопитни за одредена работа, тие учат и паметат повеќе за тоа отколку за некои други работи. Биле тестирани 19 волонтери од кои било побарано да прочитаат повеќе од 100 прашања од различни области. Наместо да се обидуваат да одговорат на прашањата, било потребно само да кажат колку се љубопитни во врска со одговорот.
Потоа била набљудувана нивната мозочна активност додека ги учеле одговорите на прашањата.
Резултатите покажале дека кога луѓето биле љубопитни за одговорите, подобро ги запаметиле, 24 часа подоцна. Исто така, подобро ги запаметиле и лицата што се појавувале на екраните, кои ги виделе пред да ги научат одговорите на прашањата за кои биле љубопитни.
Научниците откриле дека во моментот на љубопитност во регионот во мозокот задолжен за награди се јавува повисока активност, па се лачи допамин. Тоа значи дека ако нешто се учи со емоционална компонента, ќе трае повеќе.
Сите се согласуваат дека токму љубопитноста е онаа што поттикнува поставување прашања, а со самото тоа и создавање желба за учење и откривање нови работи.