X
 14.12.2020 Живот

Во океаните завршиле 1,56 милијарда заштитни маски

Се проценува дека оваа година, поради пандемијата на коронавирусот, во океаните низ светот завршиле 1,56 милијарда заштитни маски, што има страшни последици врз морската флора и фауна, се наведува во извештај на невладина организација за заштита на морето со седиште во Хонг Конг.

Во извештајот на организацијата „Океани Азија“ стои дека поради непрописно фрлените маски, морскиот свет е загаден со дополнителни 4.680 до 6.240 тони пластика.

Пандемијата значително ја зголеми употребата на пластика за еднократна употреба, додека еколошки прифатливите политики се загрозени и уназадени, стои во извештајот.

- Поголемата грижа за личната хигиена и честото купување храна за носење резултираа со зголемена употреба на пластика, особено на пластична амбалажа - истакна Гари Стоукс, директор на оперативниот оддел на невладиното здружение.

Тој додава дека во меѓувреме се одложени или засега отфрлени низа мерки чија цел е намалување на потрошувачката на пластика.

Во извештајот се истакнува дека за разградување на заштитна маска се потребни дури 450 години, а за тоа време микропластиката може значително да им наштети на морскиот свет и на екосистемите.

- Од последиците од загадување со пластика секоја година смртно страдаат околу 100 илјади морски цицачи и желки, повеќе од милион птици, дури и голем број риби, безрбетници и останати животни. Процесот негативно влијае врз рибарството и туристичката индустрија, а глобалната економија ја чини околу 13 милијарди американски долари годишно - истакна Стоукс.

Во извештајот се предлага почеста употреба на заштитни маски за повеќекратна употреба и се повикуваат владите да го забрзаат развојот на алтернативни типови маски и да ја едуцираат и информираат јавноста за селектирањето на отпадот.

Извор: Al Jazeera
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот