X
 17.12.2020 Наша тема

Како модата стана загадувач: Во Македонија секоја година се горат тони текстилен отпад

Статистиките покажуваат дека вкупните годишни трошоци на компаниите за раздолжување и депонирање на отпадот се движат и до 1,5 милион евра

Модната индустрија е еден од најголемите загадувачи во светот, а со над 6.000 тони текстилен отпад на годишно ниво, што се генерира од фабриките и кројачниците кај нас, Македонија е дел од тој негативен светски тренд.
Опсегот на причини е широк - од неможноста компаниите поевтино да го откупат отпадот, па тој завршува на депониите, до општата ниска свест за третирањето на отпадот. Познавачите велат дека илјадниците тони од овој отпад може да бидат претворени во профит, а животната средина - спасена од сериозен загадувач.

Текстилниот отпад како посебна категорија е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат претпријатијата, пред сè во текстилната индустрија. Статистиките покажуваат дека вкупните годишни трошоци на компаниите за раздолжување и депонирање на отпадот се движат и до 1,5 милион евра, а тука се и царинските процедури и времето на чекање за уништување на отпадот. Текстилните компании кај нас немаат правна можност да го откупат отпадот по пониски цени од цените што се користат при царинење во регуларна постапка, па поради тоа нивниот избор е отпадот да заврши на депонија. Така и „модата“ станува еден од глобалните загадувачи.

Режисерот Марко Џамбазовски, основач на независна продукција „Флека“ која работеше на најновите видеоспотови на „Пакомак“ за кампањата за подигање на свеста за рециклирање и селектирање на отпад, смета дека свеста за третирањето на отпадот кај нас сè уште е на ниско ниво.

Марко Џамбазовски / Фото: Приватна архива

- Мислам дека не сме доволно свесни за еколошките последици предизвикани од масовното производство на текстилната индустрија. Иако најголемиот процент од облеката може да се рециклира, сепак, најчесто неупотребливата облека завршува во депониите каде што се согорува. Кога облеката ќе изгори, ослободува јаглероден диоксид, метан и други стакленички гасови кои го намалуваат квалитетот на воздухот. Исто така, голем дел од боите и хемикалиите што се користат во т.н. брза мода се сметаат за канцерогени, па со нивно горење токсините се испуштаат во воздухот. Покрај еколошкиот аспект, има и друг момент. Има многу луѓе што не можат да си дозволат да си купат облека, па пред да ги фрлиме нашите парчиња облека во отпад, треба да се потсетиме на изреката - ѓубрето на еден човек е богатство за друг.

Модна револуција и одржлива мода

Според глобалното движење „Модна револуција“ (Fashion Revoluiton), кое е распространето низ повеќе од 100 земји во светот, вклучувајќи ја и Македонија, едно од решенијата за овој глобален тренд на загадување од модната индустрија е подигање на свеста за т.н. одржлива мода. Модните дизајнерки Магдалена Таневска и Ирина Тошева, кои се дел од ова глобално движење, сметаат дека на овој проблем сериозно треба да му се посветат и државата и самите потрошувачи.


 Ирина Тошева / Фото: Ерина Богоева

- Модата може да ја има убавата страна доколку луѓето што ја консумираат научат да ја почитуваат. Во времето во кое живееме треба да се преиспитаме како индивидуи дали навистина ни треба толку многу неквалитетна облека. Постојат многу начини како да се ослободиме од облеката што не ни треба, а да не заврши во отпад - на пример да ја донираме, да ја подариме некому, или пак доколку парчето облека е многу оштетено, може да се скрои и пренамени во функционална крпа. Во моето секојдневие еден од многуте предизвици со кои се соочувам е да правам што помалку отпад. Тоа го практикувам и во работата, секое парче материјал што останува од постапката на кроењето, па дури и најмалото го реупотребувам во најразлични сегменти - вели Таневска, која се потпишува зад брендот „Магда“.

Ирина Тошева, пак, нагласува два момента - совесни купувачи и улогата на државата.

- За почеток, доволно е луѓето постепено да ги променат своите потрошувачки навики, да размислат за приказната зад секое парче облека пред да го купат, да се свртат кон локалните дизајнери и брендови и едноставно да пронајдат значење во тоа што го носат. Ова не подразбира губење на трката или жртвување на модниот стил. Тоа е усвојување на филозофија која ќе ги претвори во совесни граѓани. Да започнеме со промислено купување, на пример, кога има големи случувања, како што сега беше Black Friday, и да поддржиме локален бизнис. Пазарот тука ни налага нам, дизајнерите, да работиме (делумно) одржливо. Тоа се сите оние работи што светските брендови ги сфатија сега со пандемијата. Околу материјалите би кажала дека дизајнерите, за разлика од поголем дел од потрошувачите, се доволно едуцирани и отворени, но не секогаш подготвени да стигнат до нив. Сите овие материјали се набавуваат од странство, подлежат на високи царински давачки и дополнителни трошоци кои ја подигнуваат цената на финалниот производ. Искрено се надевам дека власта ќе има слух и наскоро ќе ги промени овие работи - вели Тошева.

Михаил Стевчев, еден од најактивните поборници за почиста животна средина и креатор и основач на компанијата „Трибенкс“, пак, вели дека облека треба да купуваме од потреба, а не за да следиме трендови.


Михаил Стевчев / Фото: Приватна архива

- Модата треба да биде безвремена, а не трендовска. Купувањето облека да биде потреба, а не следење тренд. Врската меѓу купувачот и парчето облека треба да биде лична, сите имаме омилени парчиња облека, маички, панталони и имаме голема желба да ги носиме, знаеме одвреме-навреме да извадиме парче облека од плакарот на нашите родители, а тоа изгледа како да е сошиено вчера, кон ова треба да се стреми модата. На крај, најмногу би се радувал кога луѓето би купувале од мали локални бизниси и дизајнери бидејќи сум сигурен дека нивната облека е произведена со љубов - смета Стевчев.

За производство на една кошула се троши вода колку што еден човек ќе испие за две години

Дизајнерката Таневска вели дека уште на почетокот од својата кариера размислувала за тоа колку е важно да живееме во чиста животна средина и како сите имаме влијание врз тоа, па затоа уште првата колекција ја направила со одржлива мода.


Магдалена Таневска / Фото: Приватна архива

- Во текот на неколку години моите износени и не толку износени тексас-фармерки не завршуваа во отпад, ги селектирав, ги отпарав и соодветно ги исчистив, а потоа одново ги скроив во нови модели кои ги претставив. Морам да кажам дека на почетокот на мојата кариера, на мојата прва колекција која беше направена со реупотреба на парчиња тексас-материјал со пачворк-техника, многу луѓе реагираа позитивно за иновативното решение на моделот, но сепак се двоумеа дали да го купат тоа парче облека. Сега ми е мило што рециклирањето и реупотребата на материјалите стануваат доста популарни и многу луѓе се едуцираат - вели таа.

Во овој контекст за зачувување на животната средина, колекција REM на дизајнерката Тошева ѝ го привлече вниманието на јавноста бидејќи користела материјали од банана и пченка, како алтернатива за памукот.

- Памукот е еден од најкористените материјали поради удобноста и практичноста што ги нуди за ниска цена. Но, со масовната побарувачка се користат многу хемикалии за да се забрза процесот на негово растење, а со тоа станува штетен и за луѓето и за околината. Во процесите на боење и перење се троши голема количина на вода и затоа последниве години гледаме сѐ повеќе алтернативи кои би ги имале истите или подобри својства, цената не би била драстично поголема и за производството и одржувањето не би се трошеле многу ресурси. Материјалите од банана и пченка се едни од нив. Производството на овие материјали, иако има древно потекло, сè уште не е доволно прифатено и усовршено за да ги гледаме често на пазарот. Да можеше лесно да се набават, сигурна сум, сите ќе ги користевме секојдневно. Нема никаква разлика. На допир бананата и пченката се како памучен поплин. Пријатни се за носење и лесни за одржување, имаат антибактериски својства и се смета дека се поиздржливи од памукот. Памукот е најпопуларен, но количината на памук потребна за производство на една кошула бара околу 2.700 литри вода или еднакво на она што едно лице го пие за 2,5 години - вели Тошева.

Продавници за облека од втора рака, креации од остатоци од материјали и нестандардна облека како решение

Бутикот „Копче“ од Скопје е социјално претпријатие создадено од републичкиот Црвен крст – Црвен крст на град Скопје. Во него секој може да донира, да купи облека од втора рака или, пак, да добие парче облека бесплатно.

- Реакциите за облеката од втора рака од година на година се сè подобри и подобри. Луѓето имаат сè помалку предрасуди за купување таков тип облека. Пандемијата, како и врз сè, се одрази негативно и врз тоа, но се надевам дека на долг рок ќе се зголеми свеста кај повеќето луѓе, а со тоа и ќе почнат повеќе да се почитуваат оние вредности што се подзаборавени - вели Александра Боева од Црвен крст.


Фото: Црвен Крст

Во рамките на текстилната индустрија, отпадот во цврста агрегатна состојба го сочинуваат: влакна, пелц, предива и остатоци од текстилни материјали. Текстилниот отпад учествува со околу 1 отсто од вкупниот комунален отпад во Македонија. Според Државниот завод за статистика, Македонците во 2019 година фрлиле 632.484 тони отпад, од кои 6.252 се текстилен. Тој отпад, велат познавачите, може да биде претворен во профит, може да се искористи како ресурс за ново производство и може на македонската текстилна индустрија да ѝ помогне да стане поконкурентна и да овозможи повеќе работни места со зголемување на капацитетите, а животната средина да има еден непријател помалку.



„Дрисла“ е единствената депонија во Македонија со интегрирана еколошка дозвола која го опслужува Скопскиот Регион. Во останатите седум плански региони во земјава има 54 депонии од времен карактер или неконвенционални. Застрашувачки е фактот дека стотици диви депонии, на кои исто така може да се забележи текстилен отпад, се распослани на повеќе локации во сите општини и постојано никнуваат нови.
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема