X
 10.01.2015 Образование

Процедура за запишување студии во Норвешка

Поднесителот на барањето мора да ги исполни сите услови кои важат и за норвешките студенти.


Потребно е следното:

- Свидетелство за завршено образование;

- При запишувањето на одредени насоки се бараат специфични работи во врска со предметите од средното образование кои треба да бидат земени предвид. На пример, за природноматематичката насока, потребно е да се има одреден збир од предмети по математика и физика во средно училиште. Исто така, можно е и признавање на работно искуство при случаи кадешто постои недостаток на предмети;

- Документ за познавање на англиски јазик;

- За додипломска програма студентите мора да имаат документ за познавање на норвешки јазик или посетување подготвителен курс по норвешки јазик пред почетокот на студиите (курсот трае два семестра).

Кога се пријавувате?

Пријавувањето трае од 1 декември до 15 март за есенскиот/зимскиот семестар кој започнува во август. Потребно е да се земе предвид дека некои институции имаат поинакви датуми, па се препорачува посета на официјалната интернет-страница на образовната институција. Листата со сите институции пронајдете ја ОВДЕ.

Добивање дозвола за престој во Норвешка

По запишувањето на една од високообразовните установи, студентот мора да добие дозвола за престој во Норвешка. На македонските граѓани не им е потребна виза за посета, но оние кои сакаат да живеат во земјата подолг период мора да ја поседуваат.

Пријавувањето за студентски престој се врши во Амбасадата на Норвешка во Македонија. За време на пријавувањето за студентски престој, помеѓу другото се потребни следниве документи:

- пополнет формулар со фотографија;

- копија од пасош;

- потврда за запишување на норвешка високообразовна институција;

- потврда за сместувањето;

- потврда за финансиската состојба.

Сите документи кои ви се потребни ќе ги пронајдете ОВДЕ.

Финансии

На високообразовните институции во Норвешка во основа не се плаќа школарина за студирање (освен минималната партиципација која се плаќа само еднаш, на почетокот). Но, за одредени насоки има повисоки провизии, а исто така и за приватните институции. Покривањето на животните трошоци може да биде решено со посебни стипендии.

Студентите кои се финансираат самите мора да докажат поседување на најмалку 90.800 норвешки круни (околу 11.600 евра) за академска година. Може да се пријавите и за државни стипендии ОВДЕ.

Месечната потрошувачка во Норвешка просечно изнесува приближно 8.000 норвешки круни по личност (околу 1.000 евра). Повеќе ОВДЕ.

Каде да се пријавите?

Пријавите со потребните документи се предаваат во Амбасадата на Норвешка. Важно е лично да бидат предадени. Пријавите кои се испраќаат по пошта или електронска пошта нема да бидат земени предвид. Пријавувањето чини 1.100 норвешки круни (околу 140 евра).

Лицата кои веќе имаат дипломирано може да дојдат во Норвешка врз основа на биометрискиот пасош и безвизниот режим и таму да чекаат одговор на својата пријава доколку не го добијат порано, пред почетокот на студиите. Студентската дозвола се издава со претпоставка дека студентот ќе се врати во својата држава по завршувањето на студиите.

Здравствено осигурување

Доколку престојот трае повеќе од една година, студентот автоматски станува осигуран. Доколку тој/таа престојува од 3 до 12 месеци, треба да поднесе барање за осигурување. Студентите кои нема да го сторат тоа мора да имаат здравствено и социјално осигурување од својата држава. Некои високообразовни установи нудат и здравствени услуги. Повеќе за тоа ОВДЕ.

За повеќе информации пишете на Управата за имиграција на електронската пошта: ots@udi.no.

Важни линкови:

„Study in Norway“: http://www.studyinnorway.no/

Универзитетот во Осло: http://www.uio.no/english/

Универзитетот во Берген: http://www.uib.no/en

Норвешка управа за имиграција: http://www.udi.no/Norwegian-Directorate-of-Immigration/

Норвешка амбасада во Македонија: emb.skopje@mfa.no

Информации за доселеници во Норвешка: http://www.nyinorge.no/en/New-in-Norway/

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование