“Зошто автономна зона?” “Што се овие глупости што ги правите?” “Да бе, ќе се соберат 30-40 души и другите одма ко овци ќе ги следат”. Ова се само неколку од коментарите што ги слушнав изминатиов период. Не само дома, туку и на улица и во друштво и на интернет. Само на телевизија немам ништо слушнато... важно знам дека има пораст на бројот на овци во Источна и дека политичариве си игрaaт “Game of thrones”.
Но затоа сум тука да ја напишам оваа статија. Со намера да расчистам некои недоразбирања кои би ги имале моите колеги, роднини, пријатели, непријатели...
Зошто бојкотираме?
Епа вака. Себеси ќе се земам за пример. Како студент на еден од техничките факултети јас не можам да разберам да бидам тестиран со 5 прашања. Што ли ќе одговорам? Како ли да го сведам програмскиот код од 500 линии на 5 одговори? Понатака... Премиерот кажа дека прашањата ќе бидат однапред дадени и дека испитот ќе биде поделен на два дела. Живи глупости!
Како ли овој начин на испит ќе ми помогне подобро да го совладам материјалот? Со дадени прашања? Екстерно ли полагаме? Абе ние на факултет сме или средно учиме? Е тука некои би рекле – Епа што е проблемот? Кој си научил за колоквиум ќе си знае и за испит.
Еве сега ќе ви кажам.
Знаете ли вие дека за организирање на овој испит ќе треба простории, листови, софтверски програми, канцелариска опрема, стручен кадар за следење на испитот, комисија. Овие работи не доаѓаат без пари, некој мора да ги плати. И додека се даваат пари за испит кој реално не би го кренал стандардот во високото образование колегите во Гоце немаат вода за туширање, тие од Кузман носат ќебиња и кварцни печки. Деца генијалци не можат да си дозволат да се запишат на факултет зошто, нели имаат семејство кое не може да врзе крај со крај па уште и факултет да плаќа.
Ете затоа е овој револт. Приоритетите се добри, но се лошо распоредени.
И ние сакаме квалитетно образование, и ние сакаме топ 500 факултет по Шангајската листа, и ние сакаме професионалци, но не по секоја цена, а особено не по олку ниска.
Како второ, ние сме спремни на компромис. Ние имаме идеи и сакаме да ги споделиме со сите заинтересирани страни. Само сакаме шанса во која ние самите ќе можеме да си ја креираме НАШАТА иднина и иднината на НАШАТА држава.
Како што безброј пати споменавме, постојат неколку начини на решавање на овој спор – еве јас ќе го искористам да ги нагласам, а понатака се надевам дека овие предлози и уште некои други ќе дојдат да бидат слушнати на заедничката маса со студентите и власта.
Прво – приемен испит. Е ова е добра идеја затоа што им дава слика на идните колеги што ќе студираат и дали навистина го сакаат тоа. Затоа што многу од нив се запишуваат колку само да се студира некаде, без точно да знаат што всушност ќе се бара од нив.
Второ – доколку Владата како работодавец сака стручни кадри во својата администрација, нека воведе тестови при избирањето на кандидати, така ќе биде сигурна во своите професионалци.
Трето – пазарот на труд е оној кој треба да каже дали јас сум или не сум за таа област за која што студирам. Државата тоа не може да ми го оспори. Со тек на време пазарот на труд ќе ги одвои вистински стручните кадри од нестручните.
Затоа сакаме да бидеме и ние дел од таа работна група која го изготвува решението, ние сме спремни да дадеме се` од себе, бидејќи нас најмногу не` засега, затоа што ние ќе бидеме пример за идните генерации после нас.
Да бидеме јасни. Ние знаеме дека не можеме за се` да протестираме. Не можеме да протестираме против тоа што сме сиромашна и мала држава во развој. Но можеме да протестираме околу тоа каде се движи тој развој, протестираме против одлуки кои се толку нелогични и парадоксални што се и смешни.
Со оглед на овој период на политички дрмања ние ја согледуваме можноста да бидеме слушнати, да интервенираме не само за нас, туку и за оние после нас, затоа што ние сме тие кои ќе треба да го носиме бремето на иднината – која за жал се` повеќе и повеќе не угнетува.
Нормално дека многу од политичките активисти ќе сакаат да не` придобијат на своја страна или пак да не` користат како оружје едни против други. Но да знаете – ние не сме политички инспирирани ниту политички насочувани. Ние сакаме квалитетно високо образование – затоа што тоа е единствениот пат кој води до успехот.
Ете тоа е она за што ние студентите сме спремни да протестираме. Можеби ситуацијата од друга гледна точка не е многу страшна, но овде ќе се послужам со еден српски израз – “Боље спречити него лечити”. Да го спречиме проблемот уште пред да биде оформен!
Затоа велиме – СТОП ЗА ОВИЕ РЕФОРМИ – НЕРЕФОРМИ!
Алек
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.