X
 20.02.2015 Образование

Автономните зони од факултетите во текот на вчерашниот ден

Секој ден се' повозбудлив за студентите во земјава. Вчера тие ја добија поддршката за окупацијата на факултетите од „Дубиоза колектив“, „Бернејс промаганда“ и „ПМГ-колектив“ и им се придружија колегите од Архитектонски факултет. Денес, пак, автономна зона беше прогласена и на Градежниот факултет, а студентите на Педагошкиот, Ветеринарниот уште неколку факултети при УКИМ немаат предавања. Техничкиот факултет при УКЛО во Битола продолжува под автономна зона.


Денес беше одржана и првата средба на работната група составена по иницијатива на Ректоратот на УКИМ. Ректорот, МОН, Студентскиот парламент и претставници од професорскиот и студентскиот пленум разговараа за новиот закон за високо образование 4 и пол часа. Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми не остана до крајот на состанокот, исто како и Зоран Ставревски, кој, исто така, присуствуваше на состанокот.

Состанокот започна во 4:15, а во 8:30 новинарите добија соопштение од страна на Ректоратот во врска со средбата. Изјавите кои долго ги чекавме не ги добивме. Во соопштението кое го добивме беше најавено изготвување анализа на состојбите врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст за високото образование. Беше најавена и нова средба во истиот состав во наредните денови. Од

Студентски пленум не коментираа ништо. Соопштението од нивната страна ќе биде објавено откако ќе се одржи состанок помеѓу членовите на пленумите.

Во меѓувреме, на окупираните факултети продолжија да се одржуваат алтернативни предавања. Запомнете дека може да донирате храна, средства или материјали на секој од факултетите каде е прогласена автономна зона во секое време. Тоа се Филолошкиот/Филозофскиот, Машинскиот/ФЕИТ, Архитектонскиот/Градежниот факултет.

Следете не' на „Твитер“ и „Фејсбук“ за брзи вести од автономните зони.

Ова е претходниот ден од окупациите на факултетите.

ГАЛЕРИЈА


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование