Доколку може да се види некаква позитивна страна од ширењето на коронавирусот, таа е поврзана со универзитетите во САД. Имено, средношколците што оваа година завршуваат со средното образование имаат поголеми шанси да се запишат на добар универзитет во споредба со порано. Од американските факултети се очекува да ги известат кандидатите што се примени во наредните недели.
- Веќе се наоѓаме во многу нов и неочекуван свет кога станува збор за запишувањето на
факултет како резултат на демографските промени и високата цена на високото образование - вели Бил Конли, потпретседател за запишување на Универзитетот „Бакнел“ во Пенсилванија.
Фото: Pixabay
Со ширењето на коронавирусот, „Бакнел“ и други факултети ќе го зголемат бројот на примени студенти за да бидат сигурни дека ќе имаат доволно студенти. Изминатата година „Бакнел“ примил 100 студенти ставени на листата на чекање бидејќи не собрал доволно депозити од примените кандидати до крајниот рок. Впрочем, во 2019 година над 500 факултети изјавиле дека не собрале доволно депозити до крајниот рок.
Освен тоа, многу универзитети примаат одреден процент меѓународни студенти, а сега ова ќе се промени бидејќи влегувањето во САД е отежнато поради ширењето на вирусот.
Фото: Pixabay
- Предизвикот е во тоа што работите се менуваат толку брзо што е невозможно да се предвиди статусот за два и пол месеца - вели Кристоф Гутентаг од Универзитетот „Дјук“.
Универзитетите се подготвуваат за намалени приходи од странски студенти, како и од потенцијални последици од падот на индексите на американските берзи.
Автор: Мет Шифрин
Извор:
forbes.com