Претставниците на движењето Студентски пленум засега не откриваат какви активности ќе преземат на почетокот на новата академска година, кои се очекува повторно да бидат нивна реакција од незадоволството од високото образование во Македонија. Тие минатата академска година не беа задоволни од најавените новини во образованието, по што почнаа да протестираат и да окупираат факултети. На крајот го добија тоа што го сакаат - да учествуваат во правењето нов Закон за високо образование, но подоцна сами се повлекоа од преговорите со институциите.
- Да, ќе имаме активности многу наскоро, но во моментов не можеме да ги откриеме - велат пленумци.
Претставниците на ова движење организираа протести на кои учествуваа стотици студенти. Тие беа против најавеното полагање државен испит, а не го сакаа ниту постоечкиот Закон за високо образование. Преку протестите бараа тие директно да учествуваат во креирањето на нов закон. Откако конечно се изборија и нивните барања наидоа на слух од надлежните во институциите, пленумци по кусо време ги напуштија преговорите. Причина за ваквиот потег беше, како што рекоа, арогантниот однос на Министерството за образование и наука.
- Работната група требаше првата фаза да ја заврши пред два месеци, а тоа не се случи поради одолговлекувањето и арогантниот однос на МОН. Поради тоа, Студентски пленум ја бојкотира секоја одлука на работната група УКИМ-МОН - соопшти Студентскиот пленум кога ги прекина преговорите со институциите.
По протестите на студентите, се појави и т.н. Средношколски пленум, а ученици во неколку училишта почнаа да ја бојкотираат наставата и да кампуваат пред зградата на Министерството за образование и наука. Тие бараа да се врати стариот концепт на полагање на државна матура (што подоцна и се случи), а бараа и да не полагаат екстерни тестови, новина која изминативе неколку години се спроведува во образованието.