Повеќето факултети низ светот ги затворија вратите поради ширењето на коронавирусот. Се откажуваат предавања и дипломски церемонии, а сите активности се префрлени онлајн. Што може да се очекува во областа на високото образование наредната година?
„Д вик“ направи процена за можните промени што треба да се очекуваат следната учебна година на американските универзитети. Според написот, некои факултети ќе останат затворени, иако државата нуди финансиска помош за
образовните институции во овој период. Некои факултети можеби ќе се спојат со друга високообразовна институција во близина за да ги споделат ограничените ресурси.
Фото: Pixabay
Пандемијата веројатно ќе доведе и до откажување на спортските активности на факултетите. Исклучок може да бидат одредени факултети за атлетика. Универзитетите веројатно ќе мора да се откажат од некои луксузни додатоци на кампусите кои досега имале цел да ги привлечат студентите.
Ќе се намалат и студиските програми. Се претпоставува дека ќе бидат отстранети помалку профитабилните студиски програми, како либералните уметности.
Според „Д вик“, за некои факултети онлајн-наставата ќе стане стандардна. Иако многу експерти изјавуваат дека онлајн-предавањата не се исти како и оние во традиционалните предавални, тие се поекономични за студентите и факултетите, па некои универзитети ќе се одлучат да продолжат само со онлајн-настава.
Фото: Pixabay
Пандемијата ќе доведе до поништување на одредени студентски кредити. Пакетот за финансиска стимулација што го претставија САД вклучува суспендирање на исплатата на студентските кредити, а оваа мерка може да биде и продолжена. Во меѓувреме, кандидатот за претседател Џо Бајден има план за простување на студентските кредити.
Конечно, поради пандемијата, многумина ќе размислат за значењето на високото образование. Факултетот нема да се смета за најдобар и неопходен избор за успех, па многу помалку луѓе ќе се запишуваат на факултет. Податоците покажуваат дека популарноста на факултетите се намалувала и пред пандемијата бидејќи заработката на оние со факултетска диплома не е многу поголема од оние без високо образование.
Автор: Бони Кристијан
Извор:
theweek.com